Македонија
1. March 2018 - 13:21

Расчистени патиштата до селата Герман и Криви Камен во Ранковце

Расчистени се патните правци кон селата Криви Камен и Герман во општина Ранковце кои поради наноси и висока сенжна покривка беа отсечени четири дена, информира градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски.

Петнаесетмината ученици од Герман кои три дена не посетуваа настава, денеска седнаа во училишните клупи.

- По неколкудневни апели и интервенции, повеќе обиди за расчистување на патните правци и до Герман и Криви Камен, но и до Пклиште и Станче, каде вкупно околу двесет и педесет жители беа оневозможени да сообраќаат, екипите на Јавно претпријатие „Македонија Пат“ ги расчистија. Регионалниот патен правец Ранковце -село Герман речиси пет дена не беше во функција, а денеска и наставниците и учениците од подрачното школо на „Христијан Тодоровски-Карпош“ стигнаа на време на настава, посочува Тошевски.

Нагласи, локалните патни правци се навреме расчистени од страна на ЈП „Чист ден“ од Ранковце.

Што се однесува до општина Крива Паланка, критичните патишта до селата Огут и Нерав вчера се расчистени, а настава во овие села, каде учат околу 12-тина ученици до ООУ „Јоаким Крчовски“, се одвива редовно, и вчера и денеска, за разлика од понеделникот, кога заради безбедност на учениците, пред се, наставата беше одложена.