Расте бројот на заразени, починати и хоспитализирани од Ковид-19
Нови 628 случаи со Ковид-19 од 2236 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Починати се 15 пациенти од кои седум од Скопје. Регистрирани се 531 оздравен пациент. Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 27827. Во државава вкупно оздравени се 19479 пациенти, а починати се 949 лица. Во моментот има 7399 активни случаи.
Есенскиот бран на Ковид-19 ги наполни и болниците. Хоспитализирани се околу 650 лица, од кои 110 се на кислородона подрршка, а еден пациен е на респиратор.
Зголемени се капацитетите за тестирање за Ковид-19 во јавните здравствени установи. Министерот за здравство Венко Филипче синоќа во телевизиско гостување апелираше приватните лаборатории да ги намалат цените на тестирањата.
– Во оваа криза сметам дека не треба профит да гледаат. Нека излезат во пресрет и нека ги намалат цените на тестирањето. Соочени со овој голем притисок освен ова зголемување на нашите капацитети од близу 400 тестови ќе ја следиме ситуацијата и оваа недела и ако навистина сè уште продолжи овој тренд, не повеќе од петок, сабота, тогаш дефинитивно Фондот ќе склучи договор и со дел од приватните лаборатории по таа референтна цена, едноставно да се зголеми бројот на термини и да се скрати времето на чекање, рече Филипче.
Во рамки на напорите за намалување на бројот на заболени, Владата веќе донесе мерки со кои го ограничи работењето на угостителските објекти до 23 часот, освен за оние кои вршат испорака и препорача да се ограничи капацитетот на патници во автобусите на 50 проценти од вкупниот број на патници. На државната и јавна администрација, општините и судовите им препорача да работат онлајн или да ја организираат работата во смени.
Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, по скратена постапка, како што појасни вчера на седница претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе биде разгледан откако ќе помине на матичната Комисија за здрвство и на Законодавно-правната комисија. Образложувајќи го законот министерот за здравство Венко Филипче истакна дека со измените значајно ќе се зголемат ингеренциите на сите инспекторати, а со предложените мерки ќе се избегне носење на одлука за политички час.
Според Филипче, пакетот мерки што веќе го има заедно со законските измени во Собранието е така димензиониран за да може да функционираат граѓаните, а сепак да биде ставен приоритет на заштита на јавното здравје.
– Полицискиот час не е трајно решение. Таму каде што мерките не се почитуваат пак ќе има раст на бројките на заболени, вели Филипче.
Министерот за внатрешни Оливер Спасовски објави дека е позитивен на Ковид-19. Кличничката слика, како што напиша на социјалната мрежа Фејсбук, му е добра, со благи симптоми и веќе е во домашна самоизолација.
Премиерот Зоран Заев, пак, направил тест и е негативен на Ковид-19, а негативен тест има и вицепремиерот Љупчо Николовски.
-Многу е важно сите до еден да го чуваме сопственото здравје и здравјето на сите други околу нас. Со целосно почитување на мерките и препораките секој од нас може да даде придонес за јавното здравје. Да носиме заштитни маски, да држиме физичка дистанца, да ги избегнуваме големите групни настани и на тој начин заеднички ќе ја добиеме битката со Ковид-19, порача Заев на ФБ.
Не само во државава, бројот на новозаболени расте и во земјите од регионот и во цела Европа. Рекордни 2.243 случаи на заразени се дијагностицирани во Бугарија, а починале 42 лица. Меѓу инфицираните има и 1.948 лекари. Од почетокот на епидемијата во Бугарија се заразени вкупно 40.132 лица, а регистрирани се 1.136 смртни случаи. Во Грција се регистрирани 1.259 нови случаи на Ковид-19, што е рекорден број новозаболени во еден ден и првпат бројката е четирицифрена. Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, починати се 12 лица. Од почетокот на епидемијата заразени се 32.752 лица, а регистрирани се 593 смртни случаи.
Во Србија се регистрирани 1.053 нови случаи на заразени со коронавирусот, а починале пет лица, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 798. Во Албанија се дијагностициран 284 новозаразени од 1.278 тестирани и седум починати. Од почетокот на пандемијата досега во Албанија се регистрирани 19.729 заболени, оздравени се 10.808, починати 487, а активни на болеста се 8.434 лица. Во Косово досега се евидентирани околу 18.000 заразени од новиот коронавирус, од кои 666 починале, а над 51.000 се излекувани, така што бројката на актуелни носители на вирусот моментно изнесува нешто под 2.200.
Епидемиолошката состојба во Европа се влошува со рекорден број нови случаи секој ден. Франција води со повеќе од 33.000 пациенти во последните 24 часа, Велика Британија со 22.885, Италија со 21.994, Шпанија со 18.418 и Русија со 16.550 новозаразени.
Најголем број на потврдени случаи во светот сè уште има во САД, 9.010.027, потоа следат Индија со 7.988.735, Бразил со 5.415.671, Русија со 1.547.774, и Франција и Шпанија со приближно 1,2 милиони.
Извршниот директор на Светската здравствена организација, Мајк Рајан оцени дека на Европа и треба сериозно забрзување во борбата против пандемијата на коронавирусот и предупреди дека недостигот на капацитет за ефикасно следење на контактите може да доведе до влошување на состојбата.
– Бројот на случаи во Европа е 46 проценти од сите случаи на Ковид-19 регистрирани во светот, со една третина од сите смртни случаи меѓу ковид пациентите, потсети Рајан на прес-конференцијата во Женева.
Ново на Сител
-
Модерното време штетно влијае на правилен раст и развој
-
Преглед на вестите од светот
-
Скопје се буди, ВМРО- ДПМНЕ чествува 80 години од 13 ноември
-
Тема на денот со Моника Зајкова, лидерка на ЛДП
-
Прва регионална бекутан конференција во Скопје: „Родителството некогаш и денес“
-
Прекината седницата за надзор на тајните служби – Реџепи не ги прифаќа барањата на мнозинството
-
Ахмети: Плоштадите ќе бидат полни ако Уставен го допре јазикот
-
Сиљановска отповика седум амбасадори, за назначување нови нема ниту почната постапка