Македонија
18. јуни 2016 - 17:37

Реакција на Општина Струмица на прес-конференцијата на Васил Пишев

Општина Струмица во писмена реакција ги отфрла наводите за корупција на градоначалникот Зоран Заев кои денеска на прес-конференција ги изнесе пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Васил Пишев.

Тој денеска рече дека Општината склучила договор за превоз на деца со посебни потреби до ООУ „Сандо Масев“ и вработени во администрацијата со фирмата „Тритерол“, која според Пишев, воопшто не ја вршела  услугата, а парите биле обезбедени.

За Општината овие сомнежи се невистинити и, како што наведува, ВМРО ДПМНЕ со фабрикуван прес сака да го оцрни градоначалникот Заев и Општина Струмица.

- Вистината вели дека на распишаниот тендер на Општина Струмица за превоз на деца со посебнин потреби  во ООУ „Сандо Масев“ , фирмата „Тритерол“ воопшто нема аплицирано, што подразбира дека и не можел да испорача услуга, се вели меѓудругото, во писмената реакција од Општина Струмица.

Оттаму додаваат дека доколку имало нешто незаконско, сигурно досега ќе било санкционирано.

- Можеле од ВМРО ДПМНЕ барем да најдат друг човек да ја држи денешната прес-конференција, оти Васил Пишев многу добро знае на кој начин се добиваат тендери во Општина Струмица, бидејќи тој и неговата фирма „Алмакс“ во времето на градоначалствување на Зоран Заев добивал тендери од Општина Струмица, како и повеќе други компании блиски на неговата партија, пишува во реакцијата.