Македонија
21. April 2024 - 16:32

Речиси 9 милиони денари ќе плати МЕПСО за справување со последиците од сајбер нападот

8 милиони и 700 илјади денари ќе плати МЕПСО за справување од последиците од сајбер нападот кој пред месец и половина три дена го остави Акционерското друштво без серверите и веб страницата. Јавната набавка предвидува изготвување на анализа на дигитални докази и форензика, но и враќање на податоци од датотеките кои беа цел на сајбер нападот.

Нападот во МЕПСО го извршија две хакерски групи, но брзата реакција на ИТ експертите од приватниот сектор спречи државната компанија да плаќа откуп за податоците.

Со влегувањето на државата во НАТО Алијансата македонските институции станаа уште попривлечни за хакерските групи. Но државата доцни како со дигитализација, така и со заштитата на податоците кои се чуваат на интернет. Прашањето за дигитална безбедност допрва ќе мора да стане приоритет за властите. Државата нема ниту стратегија за сајбер безбедност.

Техничкиот министер за информатичко општество вели дека на Македонија и е потребен системски и национален пристап за да се подготви за нови хакерски напади кои доаѓаат однадвор.

-За жал досега државата не била вклучена севкупно, односно целото општество не било вклучено во планирањето на овие стратегии. Некако, како која гарнитура доаѓа на власт, внатре во институцијата кој министер се менува оди со свои експерти, на свој начин, различно од другите, оди со спорадични решанија и токму поради тоа имаме едни спорадични ефекти. И проблемот е што секоја институција сама влегува во процесот да се заштити себеси на интернет и да се дигитализира. Што зачи дека вие имате десетици, ако не и стотици системи на заштита во институциите и затоа тие  мрежи лесно се напаѓаат, вели Андоновски.

Во Собранието влезе Законот за сајбер безбедност кој предвидува формирање на Дигитална агенција. Според овој Закон, Агенцијата треба да биде и регулатор, но и да ги извршува оперативните работи. Но поради изборите пратениците не го донесоа предлог-законот и тој останува за новиот собраниски мандат.

Андоновски вели дека во финалната верзија на законот не биле вклучени доволен број на експерти и неопходно ќе биде законот повторно да оди на доработка.

-Да се вклучат сите чинители коишто биле вклучени изминатиот период и без политички, каков било притисок или без политичко надмудрување да донесеме закон кој навистина системско решение во делот на сајбер заштита и во исто време ќе ја формираме Дигиталната агенција која оперативно треба да го води процесот на дигитализација на општеството. Во исто време, таа не може да биде и регулатор. Она што треба да го направиме е да и дадеме дополнителни надлежности на АЕК во овој дел, вели Андоновски.

Македонија има квалификуван и подготвен ИТ кадар. Доказ за тоа се статистичките податоци за висината на платите, според која, ИТ експертите на второ место во државата со просечна плата од речиси 74.000 денари. Но, државните институции кубурат со информатички експерти бидејќи поради систематизацијата, институциите не можат да им понудат конкурентни примања.

Андоновски вели дека и за ова прашање е потребно системско, наместо ад-хок решение за секоја од дефицитарните професии. Според него, државата треба да размислува како да ги привлече младите студенти кариерите да ги почнуваат токму во државните институции.

-Млад кадар од Универзитети да се привлече со релативно пониски плати, да учествува во јавната администрација во делот на дигиталазација за да го стекне искуството кое нив им треба за приватниот сектор, но да бидеме свесни дека овие млади луѓе ќе влезат во институцијата, ќе бидат тука 2-3-4 години и потоа ќе напуштат кон приватниот сектор, а институцијата повторно ќе обучува нови млади кадри со релативно пониски плати, вели Андоновски.

Државата ќе има два избори. Или да вложи во сајбер безбедност или плаќа енормни суми за да се справи со хакерските напади. Поради немањето системско решение, нема податоци колку пари Македонија загубила поради нив.

Развиените држави инвестираат се повеќе во дигиталната заштита за да ги спречат загубите кои некаде се бројат и во милијарди евра.