Репортажа за Македонската Дијаспора во Пиемонте - Италија
Споменик на културата, католички објект кој бил напуштен и оставен на забот на времето. Вака почнува приказната за создавањето на македонската православна црква во Неиве. Потребата за да се отвори православен храм се 12 000 македонски иселеници во областа Пиемонте. Од 2002 регистрираат црковна општина. Со многу труд и лобирање, свештеникот Михајло Матевски успева да го добие под концесија објектот кој e заштитен како споменик на културата и од него да создаде огниште за сите православни верници од дијаспората во Италија.
Во овој храм се склучени десетина бракови а на голема радост за свештеникот и речиси секоја година се прават и по 20тина крштевки.
Македонскиот народ во дијаспората вложува многу за да ја зачува својата вера но и јазик, традиција и култура. Првите иселеници се во 90те години за темпото да кулминира на почетокот од новиот милениум. Во областа Пиемонте претежно се населени македонци од источна Македонија. Патот до тука не бил воопшто лесен ниту пак работата која се нудела за нив. Во оваа област најзастапени се лозјето и лешниците па токму широките полиња со насади се нивниот втор дом. Дека македонските раце се највредни во овој предел посведочивме и ние кога ги сретнавме Игор И Миле како кројат лозје.
Патот низ овој богат земјоделски предел не одведе и до винаријата на Дејан Јангеловски родум од Делчево кој уште пред 20 години почнува како обичен работник на лозје во Ла Мора.
Семејството Виберти го згрижува како свое чедо. Тој ја оправдал нивната доверба и со многу труд станува партнер во винаријата. Колку Дејан бил важен за опстанокот на семејната винарија која е и една од првите во ова место, Ералдо ни раскажа не криејќи ги своите емоции.
Бароло е едно од најпознатите сорти на вино од овој регион, а нивниот пласман е широко распостранет низ Европа но и во Америка. Во неколкуте денови за посета на областа ова не беше единствената успешна приказна која ја слушнавме за македонците од дијаспората.
Дека еден странец ќе постигне успех и во производство на голем број слатки продукти од лешник не можел да очекува ниту самиот Илија кој по години поминати во берба на лешници успева да отвори своја фабрика. Лешникот на Илија кој внимателно го одгледува и сортира е далеку прочуен дури до Јапонија.
Путер, крем, гранули, брашно, ликер, лешник со карамела, чоколадо, солен и масло од лешници. Неговата иновнативност резултира и со прозиводство на природна козметика. За Илија лешникот е се, па не дозволува ниту лушпата да остане не искористена.
Со нив направил и фонтана која е атракција за посетителите.
Нашата дијаспора е многубројна во овој регион па така се јавува потребата и од нивно учество во локалната власт која несебично ги поддржува а тоа го видовме и за време на чествувањетона Богојавление Водици.
За единството на македонската дијаспора доказ беше празнувањето на Богојавление Водици кога стотици верници го исполнија православниот храм а во уште поголем број се собраа и крај реката Танаро каде се положуваше крстот.
Оваа година крстот од водите го извлече Бобан Атанасов роден во Кочани.
И по децении минати на печалба нашите иселеници живеат со мислата кога еден ден повторно ќе се вратат во татковината. До тогаш, празниците и прославите во црквата се моментите кога тие можат да се обединат и на кратко да се почувствуваат како дома.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар