Македонија
30. October 2024 - 14:44

Ристовски - Шќекиќ: Продлабочување на соработката во спортот

Министерот за спорт Борко Ристовски денеска оствари билатерална средба со министерот за спорт и млади на Република Црна Гора Драгослав Шќекиќ и со членови од неговиот кабинет.

На средбата, како што информира Министерство за спорт, беа разменети мислења и искуства во реализацијата на програми и проекти кои имаат за цел подобрување на условите за спортистите и унапредување на спортските активности во двете држави.

Министерот Ристовски изразил уверување дека оваа средба ќе биде почеток на плодна соработка преку која нашата држава и Република Црна Гора ќе успеат да ги издигнат спортските постигнувања на регионално и на меѓународно ниво.

-На средбата изразивме обострана заложба за продлабочување на спортските врски меѓу двете блиски земји. Од министерот Шќекиќ добивме покана да потпишеме меморандум за соработка помеѓу двете министерства и очекувам дека ќе имаме одлична соработка во иднина. Верувам дека преку заеднички иницијативи ќе успееме да го подигнеме спортот на повисоко ниво, истакнал министерот Ристовски.

Министерот Шќекиќ го поздравил формирањето на македонското Министерство за спорт и изразил огромно задоволство од денешната средба.

-Како голем вљубеник во ракометот особено задоволство ми претставува што мој колега министер во македонското Министерството за спорт е токму познат ракометар како Борко Ристовски. Сигурен сум дека ќе имаме и други вакви средби и одлична соработка, нагласил министерот Шќекиќ.