Ракомет
9. April 2024 - 12:52

РК Вардар од следната сезона ќе носи опрема на Кемпа

Двократниот европски шампион Вардар и германската компанија за спортска опрема „Кемпа“ потпишаа договор за соработка. Вардарци почнувајќи од следната сезона ќе бидат облечени во опремата на „Кемпа“.

За договорот кој има тригодишна важност, извршниот директор на Вардар, Борко Ристовски рече дека ќе донесе бенефит не само за клубот, туку и за македонскиот спорт воопшто.

– Успеавме да споиме два бренда во една соработка која ќе биде повеќенаменска, повеќеслојна, базирана на партнерски однос и очекувам да биде долгорочна. Првично, оваа соработка има додатна вредност за нас, што значи преговарање и со други германски компании кои имаат интерес да вложат во Вардар, изјави Борко Ристовски на денешната прес-конференција.

Претставникот на „Кемпа“, Тим Гротхаус исто така изрази задоволство од постигнатиот договор за соработка со „црвено-црните“.

– Кемпа е препознатлив спортски бренд со искуство во ракомет. Вардар е исто така светски бренд во овој спорт. Среќни сме што ќе бидеме дел од Вардар. Се обврзавме на тригодишна соработка која ќе ги опфати сите нивоа на Вардар, од помладите категории па се до првиот тим, рече Гротхасус.

РК Вардар по крајот на сезоната ќе ја заврши соработката до компанијата „Хумел“ која го снабдуваше со спортска опрема изминатите неколку сезони.