Роберта Мецола реизбрана за претседателка на Европскиот парламент
Роберта Мецола од малтешката конзервативна Национална партија (ПН), која е дел од групата на Европската народна партија (ЕПП), денеска беше реизбрана за претседателка на Европскиот парламент со мандат од две и пол години.
На конститутивното заседание на новиот состав на Европскиот парламент, што се одржува во Стразбур, за Мецола гласаа 562 европратеници, а нејзината противкандидатка за функцијата Ирене Монтеро од шпанската партија Можеме (Подемос), дел од групата на Левицата, доби 61 глас.
Вкупно 77 гласачки ливчиња беа прогласени за неважечки.
За да биде избрана, на една од двете кандидатки за претседателка на ЕП и беше потребно да освои апсолутно мнозинство од дадените валидни гласови или во овој случај 312 гласа.
Процесот на избор на претседател на ЕП, што се спроведе со тајно гласање, и пребројување на гласачките ливчиња, го контролираа осум европратеници избрани со ждрепка.
Пред гласањето Мецола и Монтеро им се обратија на европратениците презентирајќи ги своите заложби и визии за работата на Европскиот парламент и иднината на ЕУ.
Конститутивното заседание на ЕП го отвори Мецола, по што гудачки оркестар во живо ја изведе химната на ЕУ „Одата на радоста“.
До изборот на новиот претседател, претседавањето со седницата го презеде актуелната потпретседателка Пина Пичерно.
Овој десетти состав на Европскиот парламент има 720 места или 15 повеќе отколку претходниот парламентарен состав.
Вкупно 54 отсто од европратениците се новоизбрани, а 39 проценти од членовите на Европарламентот се жени.
Најмлад член на Европскиот парламент е 23-годишната европратеничка Лена Шилинг од австриската партија Зелени – Зелена Алтернатива (ДГ), а најстар 77-годишниот Леолука Орландо од италијанскиот Сојуз на зелените и левицата (АВС).
И двајцата европратеници се дел од групата на Зелените во ЕП. Просечната возраст на европратениците во овој состав е 50 години.
Европратениците се организирани во осум пратенички групи и тоа Европската народна партија (ЕПП) со 188 пратеници, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 136, Патриоти за Европа (ПФЕ) со 84, Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) со 78, Да ја обновиме Европа со 77, Зелени – Европска слободна алијанса (Зелени/ЕФА) со 53, Левицата во Европскиот парламент (Левица) со 46 и Европа на суверени нации со 25 пратеници.
Вкупно 33 европратеници не се дел на ниту една пратеничка група.
Ново на Сител
-
Потврдена пресуда против Трамп за сексуално злоставување
-
Агелер за Груби: Важно е луѓето да бидат повикани на одговорност за нивните дела, се надевам дека тој е еден од нив
-
ОЈО ГОКК донесе наредба за распишување потерница и предложи притвор за Васко Ковачевски
-
Судскиот совет на РСМ ќе избира нов претседател на 3 јануари
-
19-годишен возач прегази малолетен пешак во тетовско
-
Таткото и мајката на детето кое изврши убиства во ОУ „Владислав Рибникар“ осудени на 14,5 и на три години затвор
-
Пад на индустриското производство
-
Таравари го оцени јавниот здравствен систем со осумка, вели се дава максимум и се добиваат квалитетни услуги