Балкан
1. May 2018 - 0:01

Рускиот Патријарх Кирил ја заврши посетата на Албанија

Патријархот московски и на цела Русија Кирил денеска ја заврши тридневната посета на Албанија со официјалните средби со шефот на албанската држава Илир Мета и премиерот Еди Рама, како и со посетата на новиот манастир „Св. Влаш“ во близина на Драч и Теолошката православна академија која се наоѓа во кругот на манастирот.

На средбата со албанскиот претседател Мета изразено е заедничко задоволство од посетата на рускиот патријарх Кирил на Албанија, како и добрата соработка со албанската афтокефална првославна црква.

- Претседателот Мета високо ја оцени оваа историска посета и ја нагласи значајната порака која таа ја испраќа во полза на мирот, разбирањето, солидарноста и верската хармонија. Тој исто така ја нагласи верската хармонија која владее во Албанија, улогата на верските заедници во зачувувањето на мирот, соживотот и хармонијата меѓу народите и нациите, се наведува во соопштеието од кабинетот на Мета.

Рускиот патријарх изрази задоволство од добрата соработка со албанската автокефална православна црква, која, како што рекол, преживела тежок период во 20. век, во кој речиси целосно била уништена, а воскресната со доаѓањето на поглаварот Јанулатос.

Патријархот Кирил имаше официјална средба и со албанскиот премиер Еди Рама кој нагласи дека посетата на патријархот Кирил се совпаѓа со 110-годишнината од основањето на албанската автокефална православна црква.

Патријархот Кирил нагласи дека тој пред 15 години бил во Тирана, но не во својство на патријарх, туку како преставник на руската црква и притоа додаде дека тогаш Рама бил градоначалник на Тирана. Патријархот Кирил го пофали Рама за развојот на Тирана за која рече дека е убав град.

Рама му подари скулптура на Ѓерѓ Кастриот Скендербег, за кого рече дека за Албанците тој е Александар Велики.

Посетата е остварена по покана на Поглаварот на ААПЦ, Анастас Јанулатос, кој истата ја оцени како историска. Меѓу другото Кирил и Јанулатос чиноначалствуваа со неделната утринска свечена литургија во соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана.

На литургијата присуствуваа голем број верници, меѓу нив, и голем број Македонци од Албанија но и од Македонија, кои, како што изјави за МИА уредникот на весникот „Илинден“ Никола Ѓурѓај, пристигнале организирано со автобуси но и со сопствени возила.