Свет
14. April 2016 - 9:20

САД предупредуваат на глобална криза за човековите права

Владите низ светот ги потиснуваат основните слободи, предупредуваат САД, во годишниот извештај за состојбата на човековите права во светот во кој не ги поштедија критиките ниту за своите клучни сојузници - Турција и Египет. 

Државниот секретар Џон Кери во преамбулата на извештајот од Стејт департментот за минатата година, нагласи дека нападите врз демократските вредности укажуваат на „глобална криза на Владите“, пренесува Танјуг. 

- Во секој дел од светот гледаме забрзан тренд во кој властите и невладиниот сектор го затвораат секторот на граѓанското општество, ја задушуваат слободата на медиумите и Интернетот, ги маргинализираат опозициските гласови и во најекстремните случаи, ги убиваат или ги протеруваат луѓето, изјави Кери.

Извештајот што го изработија американските дипломати по земји во светот, нема правни импликации за американската политика и неговиот критички тон не го обврзува Вашингтон да ги прекине дипломатските врски или воената помош на оние земји кои ги кршат правата или да им наметне санкции. 

Кери сепак објасни дека деталниот извештај ќе ја зајакне одлучноста на САД да ги промовираат „основните слободи“ и да ги поддржи оние групи за кои Вашингтон смета дека се борат за почитувањето на човековите права. 

Извештајот, како што се очекуваше, е критички настроен кон Русија и Кина, Иран и Северна Кореја, но и кон американските сојузници Турција и Египет. 

Кери додаде дека извештајот содржи „сеопшти правола“, а не „произволни стандарди“, кои САД се обидуваат да им ги наложат на луѓето. - Почитувањето на човековите права не ја ослабува една влада, додека потиснувањето на граѓаните, го отвора патот кон прибегнување кон насилен екстремизам, рече тој.

Кери изрази уверување дека САД се против прибегнување кон мачење под каква и да било форма.

Извештајот е особено критичен кон Русија и Кина, каде организациите за заштита на човековите права се под се поголем притисок, како и кон американските непријатели Иран и Северна Кореја, каде луѓето се измачувани и убивани надвор од каква и да е правна рамка.

Репресиите, до кои прибегнуваат Москва и Пекинг, испраќаат лош сигнал во странство, коментира помошникот-државен секретар на САД за демократија и човекови права Том Малиновски. Тој ја спомена иницијативата на руските власти да ја ликвидираат слободата на здружување и нивната практика да ги сметаат организациите за заштита на човековите права за предавници.

Извештајот ги обвинува руските власти за малтретирање над татарското малцинство и проукраинските активисти во Крим - украински полуостров, анексиран од Русија пред две години.

- Во Кина ставаат знак за еднаквост меѓу новинарството и активизмот, од една страна, и тероризмот од друга, критикува Малиновски. Тој предупреди дека тоа е причина за особено силна загриженост, бидејќи тие практики можат да бидат копирани од други држави.

Извештајот, меѓутоа, не го поштедува ниту американскиот сојузник, Турција, која е членка на НАТО, како и Египет.

Турските власти на чело со претседателот Реџеп Таип Ердоган презеде кампања против опозициски медиуми и уапси неколку новинари.

- Владата го употребува антитерористичкиот закон, што забранува навереда на шефот на државата, за да ја заглуши легитимната политичка реторика и истражувачкото новинарство, наведува извештајот.

Осудувајќи го насилството од страна на Курдската работничка партија (ПКК), Стејт департмнтот ги прекорува турските сили за безбедност за прекумерна примена на сила. Турските власти се обвинети за „произволни или незаконски убиства“.

- Во Египет има случаи на луѓе, измачувани до смрт, и на обвиненија за убиства во затвор или во центри за притвор, наведува извештајот на Стејт департментот. 

Документот цитира тврдења на невладини организации и на ОН, дека стотици Еѓипќани исчезнале по револуцијата од 2011 година.