Свет
30. August 2019 - 10:48

Салвини извиси - засега

Движењето „Пет ѕвезди“ и социјадемократите постигнаа договор. Сега треба зелено светло да даде и италијанскиот претседател. Десничарската Лега извиси. Само засега, смета Бернд Ригерт.

Добрата вест од Рим: владината криза, која италијанските медиуми ја нарекоа „најлудата на сите времиња“, е пред решение. Социјалдемократите и популистичкото движење „Пет ѕвезди“ постигнаа договор со што се избегнуваат нови избори, а со тоа и можно преземање на власта од деснорадикалната Лега и нивниот шеф Матео Салвини. Со неуспехот на претходната популистичка коалиција во Италија докажано е дека вакви сојузи, засновани на паушални и популистички пароли и апсурдни ветувања, не може да функционираат. Популистичките струи во Европа доживеаја тежок удар. Додуша во Унгарија и Полска сѐ уште се на власт. Во Грција, четри години на власт беше левичарско-популистичка партија, но неодамна загуби на изборите. Во Австрија десничарската влада не успеа да опстане поради дрскоста на популистите.

Разочарување

Популистичкото движење „Пет ѕвезди“ кое се појави како „анти-партија“ на незадоволните гласачи е дел од естаблишментот помалку од година и половина. Коалицијата со социјалдемократите го доведе движењето во светот на факти на една парламентарна демократија. Шефот на „Пет ѕвезди“ Луиџи ди Мајо не влегува во оваа коалиција бидејќи верува во неа, туку да си ја спаси сопствената кожа и да осигура преживување на неговата хаотична група.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт

Во случај на нови избори Ди Мајо, според правилата на неговата партија, нема да може повторно да се кандидира за нов мандат. Според анкетите, оваа партија е падната на трето место. Во моментов тие сѐ уште се најсилната група во парламентот. Во игрите на моќ и шаховски потези за распределба на позиции, Луиџи ди Мајо не е различен, ниту подобар од останатите партиски шефови. Добредојдовте во клубот. Интересно ќе биде да се види дали партиската база на движењето ќе ѝ се приклучи на оваа промена која се оддалечува од популизмот. Една онлајн анкета покажува дека „Пет ѕвезди“ се товар која новата коалиција ќе треба да си го преземе во следните денови.

Салвини може да почека

Лошата вест од Рим: Матео Салвини, којшто ги освои срцата на гласачите со тврдокорната бегалска политика и деснорадикални пораки, според анкетите сега е поразен, но не и победен. Деснорадикалниот „Капитано“ сакаше бргу нови избори и не веруваше дека ќе се креира левичарска коалиција, но тој има време. Поголемиот дел од политичките аналитичари во Италија сметаат дека алијансата составена од „Пет ѕвезди“ и социјадемократите, кои меѓу другото се во меѓусебен конфликт, нема да издржи долго - веројатно шест месеци или најмногу една година. Во таков случај избори се неизбежни. Така што Салвини во овој период може да премине во опозиција и да го прави она што најдобро го знае: да влезе во кампања. Според анкетите, секако сѐ уште води.

ЕУ и спасувачите на отворено море може да здивнат?

На краток рок Европа може да здивне. Со новата влада се чини е возможно да се постигне договор за разумна финансиска политика со Италија. ЕУ може да работи во насока новиот министер за внатрешно работи повторно да ги отвори италијанските пристаништа за бродовите со мигранти спасени на отворено море, како и да се согласи за системот на нивна распределба во други држави на ЕУ.

Салвини досега забарикадира сѐ, бидејќи надуената „миграциска криза" му беше потребна за изборната кампања за да се претстави како силен лидер. Новата коалиција во Рим во принцип треба да е попријателски настроена кон Европа, но премиерот Џузепе Конте, кој веројатно останува на функција, и не баш пријател на ЕУ. Но, можеби ќе го научи тоа во вториот мандат.

DW.COM