Свет
2. August 2016 - 9:02

Саркисјан за радикални промени во Ерменија

Претседателот на Ерменија Серж Саркисјан повика вчера на радикални промени во земјата по кризата, во која група од 20 напаѓачи речиси две недели беа забарикадирани во полициска станица во главниот град, Ереван. Сите напаѓачи се уапсени, откако вчера им се предадоа на властите.

- Една работа е јасна, процесот на радикални промени во општеството и политичкиот живот на Ерменија мора да биде забрзан, рече Саркисјан на состанокот со претставници на цивилното општество, верски лидери и претставници на Владата.

Саркисјан нагласи дека е точно тоа „дека властите во Ерменија“ не се совршени и дека во земјата има многу проблеми и сложени прашања, но дека целта е тие брзо да се решат.

- Ерменија никому нема да му дозволи да ги поткопува нејзините темели, порача Саркисјан и додаде дека проблемите нема да бидат решавани со насилство и оружје.

- Ереван не е Бејрут, ниту Алепо, рече ерменскиот претседател.