Македонија
16. September 2026 - 16:39

Савески: Ако има основи, Обвинителството ќе постапува

Јавното обвинителство анализира дали ќе отвори предмет за финансирањето на прославата за независноста. Според државниот јавен обвинител, ситуацијата се следела од кривично-правен аспект и како што вели Савески, ако има основ, обвинителството ќе постапува.

„Слушнав дека ДКСК има отворено предмет и нивната потапка не е апсолутна врзана со нашата постапка, а секако, секоја ситуација, вклучително и оваа ситуација, јавното обвинителство ја анализира и цени од кривично-правен аспект. Доколку најде основи за тоа секако дека ќе постапи“, изјави Ненад Савески, Јавен обвинител на ЈОРМ.

Од антикорупциската комисија велат дека не е отворен предмет за прославата, постапка воделе само за едно лице заради можен судир на интереси.

„Предмет за анализа за трошење финансиски средства за конкретната прослава немаме отворено, но, имаме отворено предмет за испитување во делот на судир на интереси, односно наводите дека едно лице што се споменува во јавноста било член на комисијата за одлучување и истовремено учествувал како изведувач во рамки на прославата“, изјави Бесник Џемаили, Заменик претседател на ДКСК.

Опозициската СДСМ, го повика Јавното обвинителство да отвори истрага. Право на граѓаните било да знаат како се трошеле народните пари.

„Јавното обвинителство мора веднаш да отвори предмет. Мора да го следи текот на парите, да ги обезбеди сите документи, фактури, договори, исплати. Мора да утврди како биле носени одлуките, кој ги носел и кој имал корист од нив“, изјави Маја Серафимовска Борозан, СДСМ. 

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека завршило времето на криминал и корупција. Прославата била легално организирана.

„СДС мора да научи дека тендер, набавка или прослава за ден на независност може да биде на легален и чесен начин организирано, а не на криминален и коруптивен начин како што тие знаеја и умееја да направат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата, претходно објави дека прославата за независноста била финансирана преку Државната лотарија.