Македонија
31. March 2024 - 16:44

СДСM ја претстави предизборната програма: 1.100 просечна, 600 минимална плата

За седум години власт на СДСМ Македонија стана дел од семејството на НАТО, а во следните ќе стане членка на Европската Унија. Владејачката партија ја претстави предизборната програма која според лидерот на партијата е базирана на 7 столбови, главно економски.

-До пред седум години бевме заробена држава. Од пред седум години владата предводена од СДСМ овозможи членство во НАТО и почнавме преговори со ЕУ. Во наредните четири години ќе сме членка на ЕУ и затоа имаме седум столба во програмата за европска иднина, вели претседателот на партијата, Димитар Ковачевски.

Во програмата на СДСМ главен фокус е домашната економија и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Партијата ветува праведна енергетска транзиција, стабилност и енергетска независност преку зголемување на производството на струја за 70%, но и на домашно производство на гас, како и чисти и обновливи извори.

Ковачевски најави раст и на минималната и на просечната плата.

-Гарантираме дека во наредните четири години просечната плата ќе достигне рекордни 1.100 евра, а минималната плата ќе изнесува 600 евра. Она што сакам да го потенцирам тука, е дека единствено влезот во ЕУ е гаранција за европски стандарди. Тогаш просечната плата ќе изнесува 1.300 евра, а минималната плата 800 евра. Нема откажување и од достоинствен живот на пензионерите. Гарантираме дека до 2028 минимналната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари, вели Ковачевски.

За СДСМ, фокусот ќе бидат и реформите во праводсудството, но и намалување на корупцијата преку дигитализација на процесите.

-Владеењето на правото е наш врвен приоритет. Реформите во правосудниот систем се неопходни. Место ќе има само за најквалитетните судии и обвинители кои ќе бидат професионалци со интегритет. Справувањето со корупциујата ќе го јакнеме и преку дигиталната трансформација на општеството. Преку дигитализацијата ќе работиме на зајакнување на целиот систем со исклучување на субјективниот фактор во процесите. Дигитализацијата е процес кој нема алтернатива, вели носителот на листата во ИЕ 5, Јован Митревски.

Откако коалицјата на СДСМ ја напушти Достоинство на Стојанче Ангелов, на претстојните избори владејачката партија ќе истрча заедно со ЛДП, НСДП, ДОМ, Партија за движење на Турците и 10тина помали партии.