Македонија
30. July 2017 - 14:47

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ 11 години ги злоупотребуваше институциите

СДСМ денеска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ 11 години ги злоупотребувала институциите и ја партизирала државата со што од Македонија направила заробена држава.

- За само неколку месеци, од октомври 2016, до 31 мај оваа година, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ангажирала над 7.700 лица во државната администрација, а од 1 јуни до денес, во општините кои во најголем дел се под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, вработени се повеќе од 300 лица, истакна на прес-конференција Благој Бочварски, потпретседател на СДСМ.

Тој рече дека ова е само еден од низата докази за степенот на партизираност што зад себе го остави ВМРО-ДПМНЕ и доказ дека е потребно итно ослободување на институциите од партиските стеги. Затоа, посочи Бочварски, Владата предводена од СДСМ почнува процес на професионализација на државната администрација.

- Преку владиниот реформски План 3-6-9, Владата започна процес на темелни реформи во државната администрација, што ќе обезбедат професионални и ефикасни институции. По локалните избори во октомври, таквиот процес на професионализација на администрацијата ќе продолжи и на локално ниво, рече Бочварски.

Тој потенцира дека граѓаните и Република Македонија заслужуваат и ќе добијат државна администрација што ќе биде сервис на граѓаните и ќе ги следи нивните реални потреби.

- Никогаш повеќе нема да дозволиме некоја државна институција да функционира како нечиј партиски штаб како што тоа го правеше ВМРО-ДПМНЕ, додаде Бочварски.