Се гради консензус за идниот статус на СЈО
Владата на денешната седница треба да го разгледа и проследи на усвојување во Собрането законот со кој ќе се регулира идниот статус на Специјалното јавно обвинителство. Судбината на ова обвинителство зависи од двотретинското мнозинство во законодавниот дом.
Премиерот Зоран Заев очекува дека законот за СЈО ќе биде донесен со консензус. Тој одговарајќи на новинарско прашање рече дека законот влегува во парламентарна расправа, со тоа што прво ќе се разговара со најголемата опозициска партија, па со помалата група на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со помалите опозициски партии на Албанците.
– Очекувам дека за овој закон треба и мора да се постигне консензус. Секако има секаков вид на очекувања, но редот е сите заедно да му дадеме поддршка, рече Заев по денешното потпишување на првите договори за закуп на државно земјоделско земјиште до три хектари.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи очекува мобилизација на сите ресурси политички, административни и општествени, со цел да се спроведат реформите потребни за позитивен извештај од ЕК и датум за почеток на преговори со ЕУ.
Тој додаде дека доколку не се успее во напорите да се добие препораката и датумот за преговори, тоа ќе биде неуспех не само на Владата, туку и на државата.
Во однос на одговорноста кај функционерите на ДУИ за случаите на непотизам, Османи рече дека партијата дава максимална поддршка во борбата против корупцијата и непотизмот и ќе чекаат одлука на ДКСК да утврдат дали имало влијание при вработувањето на роднините на нивните функционери.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ засега не се изјаснила за законот. Ќе чека да ја види неговата содржина за да донесе конкретен став. Портпаролот на партијата Димче Арсовски изјави дека нивните правни експерти треба да го разгледаат законот, а потоа ќе излезат со партиски став.
– Досега знаеме дека СЈО беше само предмет инструмент за уцени и политички прогон, така да не се сомневаме дека и понатака би било истото меѓутоа сепак да го добиеме законот, да го разгледаат, да го погледнат нашите правни експерти, да се разговара на него низ партиските тела. Веднаш потоа ќе излеземе со конечен став, рече Арсовски.
Координаторoт на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски, пак смета за ова прашање се потребни меѓупартиски консултации, вклучувајќи и лидерска средба.
Министерката за правда Рената Дескоска неодамна изјави дека со новото законско решение Специјалното јавно обвинителство ќе биде дел од Основното јавно обвинителство со гаранции за негова автономност.
Таа нагласи дека со законот се предвидува продолжување на надлежноста на СЈО за сите предмети што ги работеле во сите фази, со цел да нема никаква одредба што би значела затскртивање и амнестирање со закон на било каков криминал. Ги повика сите политички партии да дадат поддшка за обезбедување двотретинско мнозинство за законот, бидејќи од тоа зависи евроинтеграцијата на земјата.
Ново на Сител
-
ЕСМ набави струја за 2 недели - ќе плати 10,2 милиони евра
-
Утре почнува амандманската расправа за буџетот
-
Новиот ескпресен пат Крива Паланка - Страцин ќе биде готов до Нова година
-
Наместо да подготвуваат испити, во Пелагонија студентите подготвуваат тенџериња со топла вода
-
Поради недостиг на нафта немаше автобуси викендов, но и денеска на постојките се чека по еден час
-
Станковиќ: Новиот буџет ќе го развие земјоделството
-
Меѓународен ден на студентите
-
Се намалува старосната граница на дијабетичари