Се намалува бројот на повредени кои остануваат на болничко лекување – критичните пациенти се подобри од вчера
Се намалува бројот на повредени од пожарот во дискотеката во Кочани на кои им е потребно болничко лекување. Денеска уште 9-мина ќе бидат вратени во Македонија и тоа 3-ца од Унгарија, 2-ца од Италија и по еден од Атина, Белград и Шведска. На тетман во странски центри ќе останат 91 повреден. Меѓу нив се и 4-цата пациенти кои се во критична состојба. Министерот за здравство соопшти дека денеска биле подобри од вчера, но и понатаму се на интензивна нега.
- Тие 4-ца за кои бевме загрижени и ние и колегите лекари во странските центри одредени лабораториски иследувања покажуваат подобрување во однос на претходните денови, но се уште се во критична состојба, рече Арбен Таравари, министер за здравство.
Во Македонија на лекување има 14 пациенти, дел од нив се повредените кои вчера беа вратени од странство и и се во добра состојба, но според протоколите треба еден ден да останат во болница.
- Сите се во добра општа здравствена состојба, со стабилни клинички параметри. Денеска се земени дополнителни неколку клинички иследувања што се нормални, рече д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија.
И покрај брзата реакција на здравствениот сектор, трагедијата во Кочани ги исфрли на површина дел од слабостите во здравството. Според Таравари се покажало дека неопходно е интегрирање на клиниките од Клинички во една целина со која ќе раководи еден директор.
- И затоа набргу ќе инсистирам во координација со сите релевантни политички фактори барем да почнеме со хирургија, а потоа цел Клинички центар да биде една единица. Многу подобро би се организирале да имаме еден диригент отколку десет, рече Таравари.
Деновиве здравствените власти повторно ја актуелизирале и темата за отворање на нов Центар за изгореници, кој најверојатно ќе биде сместен во ГОБ 8 септември на местото на Ковид Центарот, но ќе биде потребен медицински кадар и опрема.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар