Македонија
3. November 2026 - 16:34

Се шират малите сипаници - морбили потврдени кај уште едно дете

Уште едно дете на 1,5 годишна возраст од Скопје заразено со мали сипаници. Вирусот досега е потврден кај 5 лица од кои еден заболен е од Косово. Не се роднински поврзани и не биле вакцинирани.

-Имаме поврзаност прелиминарна меѓу странскиот државјанин и 3-те домашни случаи, меѓутоа да ја почекаме прелиминарната анализа на ИЈЗ. Со примарниот случај поврзаноста е контакт во болница, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Здравствените власти и денеска останаа на ставот дека се уште нема услови за прогласување на епидемија. Само препорачуваат родителите да ги проверат картоните и да ги вакцинираат децата.

-Повикувам на свест и самосовест на граѓаните. Имам прележано на 15 години и тоа прилично нтешко, рече министерот Клековски.

За нискиот опфат со МРП кој во Македонија изнесува 62 отсто и може да биде причина за нова епидемија на мали сипаници исто како и во Косово и Бугарија, предупредуваат и од СЗО.

-Тој процент треба да е 95 отсто, но е далеку помал, рече д-р Аким Али, шеф на регионалната канцеларија на СЗО во земјава.

Во меѓувреме градинките и училиштата испраќаат протоколи до родителите за превентивни мерки за да се спречи ширење на малите сипаници. Меѓу препораките се децата да останат дома, ако имаат температура и осип,  како да постапат при евентуална појава на симптомите и каде да пријават.