Балкан
20. October 2015 - 15:58

Се уште неизвесни извештаите за проширување на ЕУ

Датумот за претстатвување на пакетот годишни извештаи за земјите-кандидатки за членство во ЕУ се уште е неизвесен, соопшти денеска Европската комисија.

- Жан-Клод Јункер се уште не одлучи кога пакетите ќе бидат претставени, изјави портпаролката на претседателот на ЕК, Наташа Берто.

Пакет извештаите за напредокот на државите од Западен Балкан и Турција во процесот на европските интеграции требаше да биде претставен на средината од месецот, но претстатвувањето е одложено на неопределено време.

Од ЕК наведуваат дека одложувањето е бидејќи членовите на Комисијата се зафатени со решавање на бегалската криза и не можат да организираат церемонијално претставување на пакетите, на кое обично присуствуваат највисоките претставници на ЕУ.

Од друга страна се поприсутни се гласините дека одложувањето е политичка калкулација со цел да не дојде до нарушување во чувствителните преговори на ЕУ со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, од кого Брисел сака поактивно ангажирање во запирањето на бранот мигранти на патот кон европските држави.

Во ЕК демантираат дека одложувањето е поврзано со Ердоган, но одбиваат да соопштат барем приближен датум.