Македонија
1. јуни 2022 - 15:41

Седница на собраниската Комисија за европски прашања

Со доцнење од повеќе од половина час, денеска почна четвртото продолжение на 34-та седница на Комисијата за европски прашања. Членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ побараа процедурално да се обратат, а откако тоа не го добија излегоа до говорницата. Тие порачаа претседателот на Комисијата Арбер Адеми да ја води седницата онака како што треба, како што доликува, да не измислува нови правила, да го почитува Деловникот на Собранието.

Адеми, пак, повикуваше да се почитува Деловникот, да се воспостави ред, пратениците од опозицијата да седнат на своите места. Неколку пати во текот на седницата, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беа опоменувани да внимаваат на времето за обраќање, по што продолжуваа со своите излагања и беа исклучувани микрофоните додека заборуваа.

Миле Лефков предложи Комисијата за европски прашања да одржи итна седница за следење на активностите на Владата и на органите на државната управа за приемот на земјава во ЕУ. Побара оваа Комисија веднаш и итно да собере информации за работата и активностите на Владата, да соберат информации за работата на МНР, информации за работата на шефот на државата, за неговите средби и изјави и Комисијата за европски прашања да даде мислење за владините активности за прием во ЕУ. Побараа на итната седница да дојде вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, а неговиот предлог не беше прифатен од членовите на Комисијата.

На седницата не беа прифатени и предлозите на заменик-координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова за потребата од одржување јавна расправа за Предлог-законот за исплата на паричен надомест на жртви од кривични дела со насилство, на која ќе присуствува и министерот за правда Никола Тупанчевски. Таа побара и стенограмски белешки од денешната седница. Благица Ласовска, пак, предложи Комисијата за европски прашања да и даде мислење или предлог на Владата за прием и финансиска помош на бегалците од Украина во земјава.