Ракомет
3. November 2018 - 11:55

Седум екипи од Македонија дел од Меѓународниот турнир на ракометни надежи во Лесковац

 Ракометниот клуб Делчево се наоѓа во Лесковац, Република Србија каде учествува на 13. Меѓународен турнир на ракометни надежи кој е во организација на ракометниот клуб „Метеор” од Лесковац. На турнирот учество пријавиле 17 екипи од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, кои ќе учествуваат со своите пионерски селекции, односно момчиња и девојчиња на возраст од 8 до 16 години. Како што информираше тренерот на делчевки Горан Велков, македонскиот ракомет на овој турнир го претставуваат вкупно седум екипи.
 
– Учествуваат ракометари родени 2002 година, две години помлади момчиња и девојчиња како и учесници на турнирот во мини ракомет во машка и женска конкуренција од 2007 до 2010 година.
Тоа се клубовите „Јединство” од Босна и Херцеговина, од Македонија покрај РК „Делчево“ учествуваат и екипите на „Лошевски“ од Скопје, „Хераклеја“ и „Феникс“ од Битола, „Преспа“ и „Младост“ од Ресен и ракометниот клуб „Охрид“ од истоимениот град. Останатите учесници се екипи од неколку градови во Република Србија меѓу кои и екипите од градот домаќин „Метеор” и „Дубочица 54″, информира Горан Велков, тренер на екипата од Делчево.
 
Турнирот започнува денес, а последниот ден од викендот се натпреварите за пласман и поделбата на признанијата во поединечна и екипна конкуренција.
 
Покровител на турнирот е општина Лесковац во соработка со граскиот ракометен сојуз од Лесковац.