Македонија
22. December 2023 - 12:26

Седум кривични пријави за злоупотреба на службена положба, измама и кражба поврзани со дрвна маса

Одделението за внатрешни работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против Т.А.(54) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „кражба“, против З.М.(57) и Б.К.(62), двајцата од Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „злоупотреба на службена положба и овластување“, против Т.Д. (51) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ во врска со кривично дело „кражба“, Д.Ј.(76) од Пробиштип, Љ.С.(51) од Македонски Брод и О.Н.(67) од Македонски Брод поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“, соопшти МВР.

Првопријавената Т.А. поднела барање за сеча од 20.02.2023 на имот со дрва во наследство од нејзината мајка. Откако било излезено на терен во парцелите наведени во барањето и по извршената контрола од второ и третопријавениот, овластени службени лица од Јавно претпријатие „Национални шуми“, ПШС „Сандански“-Македонски Брод, добила дозвола за сеча на вкупно 152,39 кубни метри бруто дрвна маса, од кои 68,4 кубни метри нето техничко и 68,76 кубни метри нето огрев, која била жигосана и ѝ било издадено одобрение од 15.03.2023.

Врз основа на одобрението, Т.А. со четвртопријавениот, одговорно лице во правно лице од општина Дебарца, како и со други физички лица, склучила договор за сеча и откуп. Притоа, од парцелите што дел се во нејзина сопственост и за кои е издадено одобрението, извршила селективно посекување на дозволената дрвна маса, а дополнително од катастарска парцела која е во нејзина сопственост, а не е впишана во одобрението, како и од катастарски парцели кои се во приватна сопственост и катастарски парцели со незапишани права на сопственост и имот на РСМ, извршила бесправно посекување на дрвна маса.

Потоа, третопријавениот како шумочувар, не извршил контрола на посечените стебла, а второпријавениот ја легализирал сечата со издавање на испратници согласно претходно издадено одобрение.

Четвртопријавениот, пак, на трансакциска сметка на петтопријавениот му исплатил 44.000 денари, а лично на рака на шестопријавениот му дал 15.000 денари, додека пак за делот од дрвна маса што бил откупен од лице од Македонски Брод, по извршената купопродажба, првопријавената, за дрва кои бесправно ги посекол седмопријавениот, на рака му платила со точно неутврдена висина.

Со ваквите дејства, второпријавениот и третопријавениот нанеле штета на други сопственици, односно уништиле државна шума, а притоа дозволиле првопријавената да се стекне со противправна имотна корист од околу 486.000 денари, односно да предизвика материјална штета од вкупно 1.162.070 денари.