Шеесетминутен молк во Солун за жртвите од трагедијата во Кочани
„Солун е со тебе Кочани“; „Нивните профити или нашите животи“; „Едни иселивте, а тие што останаа ги убивте – Кочани 16.03.2025“; „Репертоарот е со години ист, настапува корупција, а народот е публика“; „Осамна пролетно утро сончево, а сончевите зраци денес темни црнила“, беа дел од пораките на паноата на Македонците кои точно напладне се собраа на плоштадот „Аристотел“ во Солун за да им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Плус“ во Кочани, јави дописничката на МИА од Атина.
Македонците кои живеат и студираат во Солун, точно напладне организира собир „Солун во молк за Кочани“, одржаа 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви и една минута молк за возачот на брзата помош кој почина откако превезе голем број повредни лица.
Истовремено, упатија пораки преку паноата, а на едно од нив беа испишани и имињата на загинатите со пораката „Почивајте во мир“.
На друго беа испишани стихови од „Разделба“ на Блаже Конески – „Нам ни е дадено за ден да сакаме и пак на разделба тажни да бидиме, и пак си велиме: не заборавај ме! – А може никогаш да не се видиме“, но и дел од „Црнила“ на Коле Чашуле - „Како само за нас Македонците да се создадени сите црнила на овој век“.
Оние кои ја покренаа иницијативата за МИА открија дека идејата за собирот се родила откако првите повредени пристигнаа на лекување во Солун и големиот одзив за помош на Македонците кои живеат во овој грчки град.
Повикот за собирот беше објавен на социјалните мрежи.
-Како еден од засегнатите градови, каде што повредените добиваат нега, ве повикуваме да ни се придружиме во изразувањето на нашето најдлабоко сочувство за изгубените животи, за повредените и нивните семејства. Соберете се со нас во момент на молк за да оддадеме почит на нивниот спомен и да покажеме поддршка, пишуваше во повикот.
За собирот, со вклучувања во живо од солунскиот плоштад информираше грчката државна телевизија ЕРТ во пладневното издание на вестите, а објавија и информативните портали, пред сè оние од Солун.
Ново на Сител
-
Тепаната жена од Радовиш не сака да поднесе предлог за гонење, кажала дека снимката е од лани
-
По втор пат се одложи повторното судење за сообраќајната несреќа во која животот го загуби Теодора Ристовска
-
Јаневска: Во најголем дел од училиштата во земјава постои исправна противпожарна опрема
-
Недостигаат околу 40 инспектори за секоја општина да може да постапува соодветно, вели претседателот на ЗЕЛС
-
Георгиевски: Децата учат во безбедни училишта, јавноста и родителите да бидат спокојни
-
Додик за распишаната меѓународна потерница: Продолжува злоупотребата на судството за политички цели
-
Вкупно 736 сообраќајни прекршоци во текот на вчерашниот ден, 109 за брзо возење
-
Фон дер Лајен: ЕУ ќе ги штити своите работници, бизниси и потрошувачи од американските царини на возилата