Македонија
24. November 2016 - 19:18

Шекеринска: Имаме план за сериозни инвестиции во земјоделието

Носителот на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 5, Радмила Шекеринска денеска во Шурленци изјави дека главниот проблем во целиот преспански крај е откупот на јаболката, додавајќи дека имаат план за сериозни инвестиции во земјоделието.

-  Главниот проблем беше недостикот и на финансиска помош, и од државата, но и отсуството на ред и шанса за сите во бизнисот со јаболката и покрај најавите, и покрај ветувањата се уште низ Преспа се присутни огромни количини на јаболка кои останаа непродадени, рече Шекеринска.

Проблем, како што рече, се субвенциите кои доцнат, а често пати и недоаѓаат до рацете на вистинските земјоделци, иако законскиот рок во 2015 година беше субвенциите практично да бидат завршени и исплатени до 30 јуни оваа години, за жал од многу земјоделци чувме дека тие пари се уште не се стигнати до нив.

- Ние имаме план за сериозни инвестиции во земјоделието, имаме план кој значи 160 милиони евра субвенции на вистинските земјоделци, пари кои ќе доаѓаат тогаш кога на земјоделците им се најпотребни кога почнуваат со вложувањата и кога мора да ја планираат својата работа за следната години, истакна таа.

Најави дека планираат формирање на интервентен фонд во износ на 6 милиони евра, кој ќе се искористи во случај на елементарни, природни непогоди, но и во случај кога продажната цена е пониска дури и од цената на производтво на земјоделските производи.

- Во Ресен имаме план да поттикнеме и да обезбедиме инвестиција за снабдување и за лоцирање на капацитети за сместување на јаболката во износ на 40 илјади тони, на тој начин ќе обезбедиме секој земјоделец да ги продаде својата јаболка тогаш кога цената е добра, и да обезбеди тие да не скапуваат, ниту по нивите, ни по дворовите, рече Шекеринска.