Македонија
25. May 2019 - 11:04

Шекеринска: НАТО ни препорача армијата да ја чуваат приватни агенции

Радмила Шекеринска, министерката за одбрана, во интервју за Инбокс7 вели дека идејата приватни агенции да ги чуваат касарните е препорака од НАТО.

- Ова е идеја на која и давам целосна поддршка од моментот кога влегов во министерството. Сите генерали, двата генералштаба кои постоеја во овие две години, НАТО советниците, претставниците на НАТО…велат – трошите скапи ресурси за работа која не би требало да ја вршат професионални војници во армијата. Чувањето на касарните не е примарно воена задача и најголем дел од искуствата се дека тоа го прават некои друг тип на агенции, вели Шекеринска.

Таа додава дека се размислува и за формирање на државна агенција во која би работеле војниците по 45-годишна возраст и тие би ја вршеле таа дејност.

- Не сум поборник на тоа да им го зголемиме само бизнисот на приватните агенции, бидејќи државата ставила во закон дека по 45 години ќе им најде чаре на професионалните војници, ама воопшто не е лесно да најдете позиција, во армијата е ограничен бројот на места. Целта ќе ни биде да направиме едно државно претпријатие кое што армијата ќе го плаќа за чување на касарните, за делот од угостителските услуги, во делот на храната, не треба началник на генералштаб или министерот, кој треба да се занимаваат со стратешки, воени прашања да се занимаваат со спецификација за вода, додава вицепремиерката.