Шеснаесет маратонци денеска ќе пливаат на 39. Охридски пливачки маратон

Шеснаесет маратонци, од кои 11 во машка и пет во женска конкуренција, ќе учествуваат на 39. Охридски пливачки маратон, што денеска ќе се плива во водите на Охридското Езеро.
Маратонците од Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина ќе ги одмерат силите на 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид.
Боите на Македонија ќе ги бранат Александар Илиевски, Петар Цеков, Леонид Мишевски и Росана Гошева.
Во машка конкуренција ќе настапат и Матеа Видовиќ од Србија, Умит Кемал Џенгиз од Турција, Филип Лакас од Канада, Алесио Окипинти и Николо Ричарди од Италија, Енеко Саезмиера и Даниел Понсе Хименез од Шпанија, како и Кристијано Карамело Сантос од Португалија.
Во женска конкуренција, покрај Гошева, ќе настапат уште и Елена Лионело од Италија, Милица Љубисављевиќ од Србија и Аргентинките Рита Ванеса Гарсија и Мајте Ајлен Пука.
Стартот на маратонот е предвиден во 11 часот од Свети Наум, а целта е на Градското пристаниште во Охрид, околу пет часа по стартот, зависно условите на патеката.

Наградниот фонд на годинашниот маратон изнесува 15 илјади долари, а паричните награди ќе бидат распределни соодветно за најдобрите пливачи во двете категории.
Покровители на маратонот се Општина Охрид, Министерството за спорт и претседателот на Република Македонија, додека технички организатор е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“ од Охрид.
Охридскиот пливачки маратон има традиција што датира од 1950-тите, а низ годините прерасна во една од најпрепознатливите спортски манифестации во Охрид и Македонија. Првиот маратон на релацијата Горица - Охрид бил одржан во 1954 година, додека во 1962 година за првпат била испливана подолгата патека Пештани – Струга - Охрид, долга 36 километри, што се смета за почеток на големиот Охридски пливачки маратон.
Од обновувањето на маратонот во 1992 година трката се одржува на патеката „Климе Савин“, од Свети Наум до Охрид, која во почетокот беше долга 30 километри.
Низ историјата на маратонот настапувале бројни познати имиња од светското маратонско пливање, а рекордер по бројот на победи е Бугаринот Петар Стојчев со 11 триумфи.
Првиот македонски победник во современата историја на маратонот е Евгениј Поп Ацев, кој триумфираше на 29. издание во 2015 година, додека една година подоцна победи и Томи Стефановски.
МИА
Ново на Сител
-

Ја нападнал поранешната партнерка, па и полицаецот што дошол да интервенира - приведен охриѓанец
-

Охриѓанец приведен за производство и дистрибуција на детска порнографија
-

190.000 евра месечно највисоката плата во Македонија – над 2,2 милиони евра годишно
-

Лазаров го објави списокот на ракометари за ЕХФ неделата
-

38-годишен маж загина од струен удар додека работел на куќа во Скопје
-

Возеле со над 150 км/ч, а полицаец им „прогледал низ прсти“ – кривична пријава затоа што ги поштедил од казни од 300 евра
-

Четиригодишно дете најмладиот милионер во Македонија, највозрасниот е 97-годишен пензионер
-

Ѓорѓиевски: До крајот на годината ќе почне проширување на капацитетите за третман на бездомни кучиња
