Македонија
25. October 2024 - 16:53

Шилегов обвини дека СДСМ е заробена, партијата му одговори дека Филипче е избран демократски

- Ај да не се лажеме !!! СДСМ е заробена партија. Уште од 2019 година,со двајца октроирани “лидери” од јужните краишта. Тоа не е СДСМ. Тоа се тезгароши. Март е пролет !!! Пролет е СДСМ !

Во 2 часот по полноќ Шилегов преку социјалните мрежи директно го нападна партискиот лидер. Неколку часа подоцна поранешниот скопски градоначалник и се уште висок партиски функционер се дообјасни:

- За да нема нејаснотии, ако нешто не е во ред и гледаш дека е така, а молчиш, со молкот стануваш соучесник.

Во телефонски разговор за Сител, Шилегов вели дека нема потреба дополнително да се објаснува преку изјави за медиумите и негира дека планира да се кандидира за лидер на партијата на редовните избори кои според сегашниот статут на СДСМ треба да се одржат во март догодина. 

Од СДСМ му возвратија дека легитимитетот на Филипче не може да биде оспоруван бидејќи тој е избран на демократски начин, преку директни внатрепартиски избори. Личните напади нема да ги коментираат.

- СДСМ е најдемократска партија во државата која единствена го бира својот претседател на демократски и непосредни избори. Оттаму легитимитетот на претседателот на СДСМ не може да се оспорува. Немаме намера да навлегуваме во лични напади, и остануваме посветени на демократските принципи кои ги почитуваат различните ставови, но во рамките на цивилизиран дијалог, рече Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Во СДСМ во тек се подготвоките и за продолжување на отчетниот конгрес кој во јуни годинава беше прекинат официјано поради тоа што општинските организации побарале повеќе време за да го разгледаат обемниот извештај за изборниот резултат, неофицијално конгресот беше прекинат поради немање кворум односно недоволен број на присутни делегати.

На овие состаноци СДСМ треба да избере ново партиско раководство, а ќе треба да се разгледува и предлогот на Централниот одбор за измени на партискиот статут со кои мандатот на Филипче ќе треба да трае до јуни 2028ма, наместо до март следната година.