Македонија
28. November 2022 - 16:49

Што точно преговарале историчарите за Охридската архиепископија?

Не работиме на утврдување на статусот на МПЦ-ОА, туку на тоа - како таа ќе биде претставена во учебниците по историја.

Македонските историчари се јавија со реакција на, како што тврдат, некоректното информирање на јавноста, по завршувањето на последната средба на мешовитата историска комисија.

“Предмет на работата на Комисијата се прашањата за претставувањето на историјата на Охридската архиепископија во учебниците по историја за основно образование во двете држави, нејзината улога и значење за христијанството и словенската писменост и книжевност, а не црковно-теолошки прашања или утврдување на статусот на МПЦ-ОА или, пак, нејзино  дефинирање во национална смисла”, се противат македонските историчари.

Да се преговара за Охридската Архепископија и дали таа е македонска или бугарска е рамно на велепредавство, се обратија до историчарите и од Демократскиот сојуз.

Од партијата бараат објавување на записникот од последната средба и разрешување на македонскиот дел од Комисијата, доколку се потврди дека се преговарало за ова прашање.

А дека договорот за Охридската архиепископија бил близу потврдија и од бугарскиот дел од Комисијата, но според нив, македонските историчари во последен момент се повлекле.

“Можеби објаснувањето за ова лежи надвор од Комисијата, тие работат под силен притисок...”

А во одбрана на македонските историчари денеска застана и премиерот.

“Мислам дека изјавата на сите членови потпишани на нашите историчари се многу јасни дека таму не станува збор за никакво дефинирање на статусот на ОА”

Средбата во петокот заврши без договор, а според копретседателот Ѓоргиев, тој не бил постигнат поради тоа што бугарските историчари сакале да се промени начинот на кој Охридската архиепископија е претставувана во нашите учебници.