Македонија
28. October 2016 - 11:06

Сиер: Македонија со економските политики отиде напред во многу сектори

Македонија со своите економски резултати и успешни економски политики отиде напред во многу сектори, а доказ за тоа е и последниот извештај на „Дуинг бизнис“ кој претставува големо признание за земјата, оценува Дејвид Сиер, потпретседател и член на Управниот одбор на КПМГ, една од четирите најголеми консултантски и финансиски организации во светот. 

На средбата во Лондон со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и партиската делегација, Сиер истакнал дека растот во рангирањето на Македонија е исклучителен и оти може да се очекува дека многу глобални претпријатија ќе ги искористат поволностите што ги нуди државата за да инвестираат во иднина.

- Македонија е многу интересна приказна во поглед на начинот на кој што оствари исклучителен прогрес во создавањето услови за правење бизнис. Од 94-то место во извештајот на „Дуинг бизнис“ на Светската банка пред десетина години, сега е на 10-то место во светот и тоа кога Велика Британија падна од 5-то на 6-тото место. Тоа е сериозно добра приказна во поглед на странските инвестиции. Како КПМГ, работиме со многу странски компании кои инвестирале во Македонија и се радуваме да работиме со многу други и во иднина, посочи Сиер.

Според него, Македонија е многу добра туристичка дестинација и е добра дестинација за инвестирање. - И она што го постигнавте во сферата на производство на различни делови од автомобилската индустрија и во неколку други области е исклучително впечатливо. Тоа е приказна која ќе се надградува во следните години, вели Сиер.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по средбата изјави дека презентирале многу детали за македонската економија и за нејзиниот прогрес, за правењето добра бизнис клима, за следните чекори што се планираат, предизвиците со кои што се соочува и резултатите на домашен план во смисла на намалената невработеност.

- Имавме значајна средба во главното седиште на КПМГ во Лондон, компанија која што издава извештаи за Република Македонија на економски план секоја година. Досега имаме одлични извештаи во смисла на нашата економија, условите за правење бизнис, можностите за привлекување инвестиции, односно информации за инвеститорите, информации за Република Македонија кои што се прилично добри и прецизни и од коишто нашата држава досега имаше бенефит затоа што инвеститорите, особено клиентите на КПМГ, ги читаат тие извештаи и согласно нив се ориентираат каде да ја направат новата инвестиција, истакна Груевски. 

Во последниот извештај за Македонија, КПМГ ги истакнува даночните поволности кои им стојат на располагање на компаниите, како и едуцираната и квалификувана работна сила. Тие нотираат дека Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа, при што се воведени најниски даноци, рамен и низок данок, персонален данок и данок на добивка. Посочува дека се нудат исклучителни поволности во технолошко-индустриските развојни зони, се инвестира во нови патишта, железница и оти таквите предности се препознаени од многу странски компании кои се одлучиле да инвестираат и ја препорачуваат како наредна дестинација за инвестирање.

КПМГ е финансиска организација која се занимава и со ревизија, осигурување, даноци, консалтинг, статистики, корпоративни, финансии и правни услуги. Компании, членки на КПМГ може да се најдат во 155 земји низ светот, колективно тие вработуваат повеќе од 174.000 луѓе од целиот спектар на дисциплини.