Македонија
24. October 2019 - 14:57

Синдикат на Клинички центар: Ветувањето од сто илјади денари плата за докторите не е реализирано

Сегашната основна нето плата на доктор специјалист во Клиничкиот центар во Скопје, согласно важечкиот колективен договор, е 44.517,00 денари и ги потсетуваме премиерот и министерот за здравство дека тоа е далеку од ветената во програмата основна плата на доктор специјалист во терциерно здравство од минимум 100.000,00 денари и двојно зголемување на основната плата на здравствените работници, соопшти денеска Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар.

Во случај платата на здравствените работници да биде зголемена согласно програмата, информираат од Синдикатот, со право ќе го побарате и ќе можете да сметате на гласот на здравствените работници на претстојните парламентарни избори, а јавно ќе побараме од своето членство да ја поддржи Вашата политичка опција,

Во спротивно, посочуваат од Синдикатот, ќе ја загубите довербата не само кај здравствените работници, туку и кај поголемиот дел од граѓаните, бидејќи на трибините и јавните настапи, постојано истакнувавте дека здравството и спречувањето на одливот на здравствениот персонал е еден од врвните приоритети на Владата.

Од Синдикатот потенцираат дека се уште веруваат во ветеното дека докторите специјалисти во терциерното здравство ќе имаат основна плата од 100.000,00 денари, а на медицинските сестри и останатиот здравствен персонал двојно ќе им се зголеми платата, што несомнено е главниот услов да се задржи здравствениот персонал во државава.

Доколку, во најкус временски рок не преземете конкретни активности за реализација на ветеното зголемување на платите, Синдикатот на Клинички центар на почетокот на наредниот месец ќе го консултира своето членство за преземање радикални чекори за остварување на оваа програмска определба, која Синдикатот на Клинички центар уште на почетокот во целост ја поддржа, стои во соопштението.