Македонија
17. August 2023 - 11:47

Синдикатите на ЈСП чекаат средба со Арсовска, ако не добијат плата најавија протест

Сите термини за личниот доход се поминати, веќе пенали се плаќаат, ако денеска не помине платата во ЈСП, јас мислам дека утре гладните вработени пак ќе излезат на протест како што излегоа во октомври, изјави за МИА Миќо Стојановски, претседател на еден од трите репрезентативни синдикати на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

Тој потенцира дека на вработените не им е грижа за причините за доцнењето на платите затоа што тие во текот на месецот ги извршуваат своите работни обврски и покрај недостатокот на кадар.

- Со години наназад истиот проблем се решава ад хок за да се смират тензиите и притисоците врз вработените. И буџетот што го донесе Советот на Град Скопје за 2023 година беше побогат за неколку милиони евра за субвенции на ЈСП Скопје. Владата исплаќа блок дотации што еве во моментов или доцнат или ги нема. Се надевам ќе дознаеме во што е проблемот и полека ќе почнеме да ги решаваме работите, изјави Стојановски.

Тој информира дека денеска добиле порака од генералниот менаџер на ЈСП Крсте Петревски, оти средствата ќе легнат на сметка на претпријатието. Но, како што вели, истото им било кажано и во претходните два дена.

- Нема зошто да не веруваме дека тоа ќе биде така. Меѓутоа, и да биде така и да добиеме плата денеска, мораме да најдеме решение затоа што веќе сме уморни од молби од барања за сѐ да биде исплатено на време. Ако ние ги завршуваме обврските, тогаш, редно е и Градот да се раздолжат кон претпријатието.