Македонија
19. April 2024 - 16:36

Скопје ја надмина бројката од 400 заразени со голема кашлица

Двомесечно бебе со голема кашлица е хоспитализирано на Детска а уште две доенчиња со истата болест има во клиниката Козле. Лекарите велат дека сите хоспитализирани пациенти се во добра состојба, но поради возраста мора да бидат под медицински надзор.

Заразата со пертусис не стагнира и бројката на потврдени случаи во Скопје стигна до 405. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, пријавени болни има во 17 градови.

Изминатата недела од 46 лабораториски потврдени дури 31 не биле комплетно вакцинирани со ДиТеПер.

Повеќе од два месеци во главниот град е прогласена епидемија и вакциналните пунктови работат и во сабота за да бидат имунизирани децата. Иако голем број го комплетираа вакциналниот картон и ги примија пропуштените дози против голема кашлица, бројките од ИЈЗ покажуваат дека се уште во државата има околу 12 000 деца кои не се целосно заштитени од пертусис.

По Скопје, епидемија прогласи и кумановскиот центар за јавно здравје а двоцифрени бројки на заразени има во Битола и Тетово.

Од 489 случаи на голема кашлица во државата, најмногу, или 27 проценти се на возраст од 10 до 14 години, а со пертусис бил заболен и пациент на 78 години.