Македонија
24. March 2019 - 8:33

Скопје ќе добие нови паркови

Во Скопје се обновува и заштитува постојното и се подигнува ново зеленило. За само една година екипите на Град Скопје реконструираа 129.000 квадратни метри, а засадени се над 8.000 висококвалитетни садници на повеќе локации во градот.

Градските власти велат дека акцент бил ставен на засадување нови дрвореди и обновување на постојните. Од оваа година Скопје е побогат и за неколку нови паркови.

Нови паркови во Скопје

Екипите на Град Скопје работат на хортикултурно уредување на зелен плоштад на булеварот „Гоце Делчев“, на просторот зад Филхармонија. Во овој дел, на површина од 7.300 квадратни метри ќе се постави хидрантска мрежа и ќе се засадат стотина висококвалитетни листопадни садници.

Со зеленило ќе се уреди и дворот на Министерството за култура. Зелената површина од 300 квадрати ќе ја разубават 20 висококвалитетни листопадни садници.

На просторот кај последната постојка на автобусот со број 41 во Драчево никна нов парк, на местото каде што до неодамна имаше дива депонија. На површина од околу 5.500 квадратни метри се засадени 200 висококвалитетни садници и е поставена нова хидрантска мрежа со прскалки, шахти и хидранти. Во паркот ќе се постават и нови клупи и корпи за отпадоци.

Финскиот парк во населбата Ченто е реконструиран и хортикултурно уреден на површина од околу 13.000 квадратни метри. Во паркот е подигнат нов тревник и за првпат е поставена хидрантска мрежа со прскалки, шахти и хидранти.

Уреден е и паркот до Градежниот факултет, на булеварот „Партизански одреди“. Реконструирана е јавна зелена површина од 2.149 квадратни метри и е поставена хидрантска мрежа со хидранти, шахти и систем за полевање со прскалки.

Градскиот трговски центар ќе добие зелен покрив

Минатиот месец градските власти најавија дека Градскиот трговски центар (ГТЦ) ќе добие зелен покрив. На зелениот покрив со површина од 1.800 квадратни метри ќе бидат засадени 29 висококвалитетни дрвја и повеќе од 30 други видови садници. Ќе бидат поставени неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, партерно шаховско поле, кафе-бар, модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди. Се очекува во текот на летото граѓаните да можат да го употребуваат овој покрив. За проектот се обезбедени околу 32 милиони денари.

– ГТЦ е симбол на модерно, постземјотресно Скопје. Со проектот „Зелен покрив на ГТЦ“ финансиран од Град Скопје и имплементиран со поддршка на нашите пријатели од УНДП, постојниот покрив кој сега е речиси неискористен ќе стане атрактивен простор со зелена површина за одмор, рекреација и културно-забавен живот. Освен во урбаниот развој на градот,  овој проект ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управувањето со врнежите, изјави минатиот месец Шилегов.

Зазеленувањето на покривот на ГТЦ е дел од проектот со кој Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе го поддржи Градот Скопје во спроведувањето на Стратегијата за климатски промени – Отпорно Скопје.

Зелен катастар

Во јануари годинава Град Скопје и УНДП го презентираа проектот за Зелен катастар на јавните зелени површини во градот. Основна цел на овој проект е заштита на животната средина, подобрување на управувањето со јавното зеленило и собирање и анализа на податоци за зеленилото. Досега се попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки во парковското и во булеварското зеленило.

Во рамките на проектните активности, реализирана е првата фаза што опфати геодетско снимање на 650 хектари површини на јавно зеленило, изработка на веб апликација за управување со јавното зеленило и мобилна апликација за попис на дрва и грмушки на терен. Во следната фаза ќе се реализира теренското собирање податоци за дрвјата и грмушките на јавните зелени површини на територијата на Град Скопје.

Преку оваа апликација граѓаните имаат можност активно да учествуваат во подобрувањето на урбаната отпорност на Град Скопје преку внесување на податоци/атрибути за зеленилото – дрвјата и грмушките кои се наоѓаат на нивниот имот. Понатаму ќе бидат процесирани од стручните лица на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ и ќе бидат дел од зелениот катастар.

Воспоставувањето на Зелениот катастар на Град Скопје е дел од проектот ИКТ за урбана отпорност, реализиран во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Целосно уредување на вториот дел од Градскиот парк 

По седумдесет години целосно ќе се уреди вториот дел на Градкиот парк, од хотелот „Александар Палас“ до Луна паркот. Годинава е предвидено да се засадат нови 12 илјади садници. Ова неодамна го најави директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча.

Минатогодишниот буџет за животна средина на Град Скопје беше дотогаш најголемиот буџет издвоен за оваа намена. За 2019 година, пак, се предвидени 186,2 милиони денари што е 30 отсто зголемување од минатата година.

Магдалена Ристоманов/МИА