Со 1,6 милиони евра Штип ќе го реконструира акрополот на Исарот
Со средства во висина од над 1,6 милиони евра, општина Штип ќе го реконструира акрополниот дел на Исарот. Проектот веќе е доставен до Министерството за култура и туризам, а ќе се финансира со пари од вториот повик од унгарскиот заем. Во првата фаза ќе се реконструира и обнови во автентичен стил самата тврдина, а потоа ќе се градат и нови содржини за посетителите.
- Деценски сон на штипјани, кои што досега си замислувале како некогаш изгледала тврдината Исар, синонимот и симболот на градот Штип, конечно, проектот кој што го добивме од страна на Музеј-Штип, успеавме да обезбедиме финансирање преку Владата на Република Македонија, изјави Иван Јорданов, градоначалникот на Штип.
Тврдината на Исарот масовно се посетува на 22-ри март секоја година, на празникот Четер’се, односно, Младенци, обичај кој се најде на листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство. Идејата е оваа локација да се најде високо на листата на туристичката мапа на градот.
- Проектот вклучува три кули коишто се поврзани со ѕидини, повисоки од 4 метри, на коишто ѕидини сите посетители ќе имат можност да се движат и да имат прекрасен поглед на градот Штип, додаде Јорданов
Со реализација на проектот ќе се започне веднаш по завршувањето на тендерската постапка, а согласно планот, голем дел од градежните активности треба да завршат оваа година.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар