Со правосилни пресуди до ефикасна борба со криминалот и корупцијата
Кривични пријави, истраги и обвиненија не се доволни за функционален правосуден систем. Во Коалицијата за правично судење сметаат дека е најважно како пред суд ќе завршат постапките иницирани од полицијата и обвинителството. Велат, ако нема правосилни пресуди, не може да се говори за ефикасност во борбата со криминалот и корупцијата.
„За да можеме да кажеме дека еден систем функционира, мора да го гледаме како една целина. Не да го гледаме изолирано и парцијално. Ние се уште имаме активни судски постапки кои беа иницирани и од страна на редовното Јавно обвинителство, меѓутоа и од Специјалното обвинителство кои се судат со години, постапки за висока корупција кои се уште немаат судска разрешница“, изјави Лејла Тутиќ, Коалиција „Сите за правично судење.
За владата, истрагата за Груби, апсењето членови на криминалната група „Беланоца“, пронајденото оружје, укажуваат на владеење на правото во државата. Според вицепремиерот Меџити, никој не можел да е над законот.
„ Секој што се огрешил, треба да одговара и веќе се враќа правната држава, довербата во институциите. Значи, ова е нашата порака. Останува на МВР, судство и обвинителство да се занимаваат со случајот „Груби“ и другите“ изјави Изет Меџити, вицепремиер.
Артан Груби е се уште недостапен за полицијата. Неделава судот ќе треба да одлучи по жалбата на екс вицепремиерот со која побара укинување на притворот. Во меѓувреме, од владејчаката партија обвинија дека претходната влада знаела за случајот, ама молчела за да ја задржи власта.
„Кога ВМРО-ДПМНЕзборуваше дека СДС се измеќари на ДУИ, токму на ова мислеше. СДС го одмолчеа и дозволија криминалот на Груби, за истиот да не се налути и ДУИ да им излезе од коалиција“, изјави Бране Петрушевски, ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската СДСМ претходно обвини дека Груби излегол од државата во договор со полициjaта, а за тоа како што тврдат од партијата, знаел и министерот.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар