Македонија
20. February 2025 - 16:33

Собранието ги изгласа заклучоците и препораките за поголема безбедност во сообраќајот

МВР да го забрза имплементирањето на сејф сити системот, како технички така и законски. Да се заострат казните за учесниците во сообраќајот кои ќе сторат кривично дело, но и прекршок, преку измени и на закони и на Кривичниот законик. Судиите да бидат непристрасни при донесување одлуки и изречените казни да се во согласност со тежината на делото за да се зголеми безбедноста во сообраќајот. Ова се дел од заклучоците и препораките кои денеска беа изгласани во Собранието, а кои ќе бидат доставени до Владата.

Пратениците очекуваат да почнат да се имплементираат до крајот на годинава, а дел од нив да се најдат и во изменетиот Кривичен законик. 

Претходно министерот за внатрешни работи најави дека сејф сити системот ќе започне да регистрира прекршоци од први јануари следната година. До тогаш треба сите возила да се регистрираат и да бидат внесени во системот со телефонски број и емаил адреса, за доколку во иднина направат прекршок, фотографија да им пристигне на смс порака или на мејл во рок од 24 часа. 

МВР овој месец ќе организира уште една јавна расправа околу измени на законите за поголема безбедност во сообраќајот каде ќе бидат вклучени експерти, судии, професори и претставници од министерството.