Собранието го избра Оливер Андонов за министер за внатрешни работи

Оливер Андонов е новиот министер за внатрешни работи, кој доаѓа на местото на Митко Чавков кој денеска поднесе оставка. Предлогот на Владата во Собранието вечерва беше поддржан со 65 гласови „за“, ниту еден против и воздржан. На гласањето не присуствуваа пратениците од СДСМ.
Андонов има долгогодишно искуство со работа во разни сфери во областа на безбедноста и е предлог кој доаѓа од редот на експертската фела. Тој по изборот на министер за внатрешни работи според договорот на лидерите на четирите најголеми политички партии треба да биде дополнителен заменик-минситер за внатрешни работи во Владата која би требало да се изгласа во Собранието утре.
Премиерот Емил Димитриев, образложувајќи го предлогот во Собранието, рече дека од биографијата на Андонов може да се види дека целосната негова кариера е во сферата на одбраната и безбедноста.
- Се работи за поранешен припадник на АРМ, потоа на МВР, а во делот на науката, сите негови постдипломски и докторски студии се во областа на безбедноста. Се работи за човек кој покрај тоа што работел во МВР, со својот научен кредибилитет и постигнувања во безбедноста ќе даде максимум за што е можно попрофесионално извршување на функцијата министер за внатрешни работи, рече Димитриев.
Тој додаде дека Владата смета и на досегашниот министер за внатрешни работи Митко Чавков кој има професионално искуство во МВР и планира да биде на една од клучните позиции во овој ресор.
Се очекува премиерот Емил Димитриев да го предложи Митко Чавков за нов директор на Бирото за јавна безбедност во МВР.
Расправата по предлогот почна попладнево. Според мнозинството предлогот е во согласност со Уставот, а опозицијата сметаше дека предлогот треба да се повлече и дека единствена цел е да се влијае на работата на новиот министер во преодната влада.
Според Горан Сугаревски од СДСМ ваквиот предлог не треба да помине во Собранието. Тој изрази шокираност од предлогот. - По постигнување договор околу преодната влада вие 15 часа пред седницата утре избирате министер за внатрешни работи, рече Сугаревски.
За Васко Ковачевски од СДСМ целта на овој предлог е да се скратат надлежностите на новиот министер во преодната влада. Хари Локвенец од СДСМ исто така посочи дека целта на овој предлог е да се саботира работата на идниот министер за внатрешни работи во преодната влада. За неговиот сопартиец Петре Шилегов е политички крајно неодговорен чин, а за Бетиан Китев погрешен и неиздржан предлог.
Илија Димовски истакна дека она што денеска се прави е во согалсност со Уставот на Република Македонија, а шокираноста што ја изразува опозицијата е што, како што рече, со овие две - три ротации што ќе се направат денеска и утре ќе се намали драстично непотизмот на Оливер Спасовски.
За Павле Трајанов овој предлог не е демократски и не е во интерес на граѓаните и на Република Македонија. Тој побара од премиерот да го повелече предлогот, Според него логично е по изборот на новиот министер за внатрешни работи во преодната влада да седнат ВМРО, СДСМ и ДУИ да направат тим кој ќе раководи со Министерството.
Оливер Андонов вечерва ја потпиша свечената изјава во Собранието на Република Македонија.
Ново на Сител
-

Преглед на вестите од светот
-

123 години од смртта на Гоце Делчев
-

Продолжи судењето за пожарот во „Пулс“
-

Локалната промоција клучна за повеќе туристи
-

Преглед на вестите од светот
-

Тема на денот со Драги Змијанац, претседател на „Меѓаши“
-

Историски успех на младиот Македон на Германската математичка олимпијада
-

32 возачи лишени од слобода за празничниот викенд
