Македонија
29. March 2016 - 13:52

Собранието не ги донесе измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа

Собранието на Република Македонија на денешното продолжение на 97. седница не го донесе Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, кој беше по скратена постапка.

На седницата присуствува 88 пратеници, а за ова законско решение  гласаа само 55 пратеници. Овој закон требаше да се донесе со дво-третинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа што не беше донесен законот е прилично неодговорно, бидејќи со него требаше да се овозможи усогласување со Законот за општата управна постапка, каде се предвидени низа мерки за подобрување на ефикасноста на управните постапки кон граѓаните.

- Денеска не гласаме системски закон за кој е потребно дво-третинско мнозинство, а зошто, како што рече Димовски, нема објаснување. Додаде дека со недонесувањето на законот е направено одложување на некои реформи во администрацијата кои ќе беа полезни за граѓаните.

Претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски рече дека нема услови Собранието да се продолжи со работа по следната 99. седница и даде пауза до 15:30 часот.

Во рамки на 99. седница се очекува пратениците да ја започнат расправата за Извештаот за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци (за период од 15.09.2015 до 15.03.2016). Извештајот на специјалната обвинителка е последна точка на дневниот ред на оваа седница. 

Пратениците на оваа седница треба да се изјаснат за измените на Законот за заштита на природата, на Законот за управување со отпадот, на Законот за сигурност во железничкиот систем, како и за измените и дополнувањата на Законот за градење поднесен од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и измените и дополнувањата на Законот за кривичната постапка, сите по скратена постапка.