Македонија
30. August 2020 - 18:17

Собранието расправа за избор на нова Влада

Во текот на попладневниот дел од расправата во Собранието за избор на нова Влада, пратениците од власта и опозицијата продолжија со изнесување оценки  за предложениот владин состав и програма, доставени од мандатарот Зоран Заев.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива акламативно најавија дека нема да дадат поддршка за избор на новата влада.

Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, владината програма не обезбедува раст на економијата, развој на образованието и зголемување на стандардот на граѓаните.

Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ упати критики за програмата на новата влада и истакна дека во коалициската влада треба да се гледа компатибилноста меѓу профилот на министерот и ресорот што треба да го води.

-Нам ни треба експертска влада, политичка, но со експертски профил, бидејќи заради фамозниот споил систем кој ја партизира администрацијата, оној кој е на чело треба да земе дел од товарот. Во програмата нема ниту збор за потребата од промена на Уставот. Одговорно тврдам дека кандидатот за премиер е хендикепиран кога не може сам да си направи тим. Кај нас има остаток од собранискиот систем, ако сакате да смените министер мора да барате согласнот од парламентот, оцени Силјановска Давкова.

Упати критика кон владината програма, оценувајќи оти нема карактер на програма, нема стратегија во секое министерство, цели, актери на реализација, временска рамка и проекти.

– Најболно беше прашањето за името, неодвоиво од прашањето на идентитетот, дека се работи за армиран бетон, а слушнавме од личност која е важна за НАТО, господинот, Роб Бауер, командант на вооружените сили на Холандија, чија дикција беше нагризување на бетонот, тој употребува Северномакедонци. Тој е тој нов концепт и понатаму во иднина може да очекуваме тоа име да се одразува на идентификацијата на нацијата, рече Силјановска Давкова.

Според неа, СДСМ само ја повторило програмата од 2016 затоа што тоа што го вети тогаш не го исполни, додека пак сега наградува партиски функционери за министри и измислува министерства кои не постојат.

– Она што треба премиерот итно да го направи е ветинг, а ветингот секогаш треба да почне од нас, да продолжи со администрацијата, по пат на примерот со Естонија, па со судството, но само од страна на независно тело. На прагот сме пред преговори, не видов сратегија во однос на што го сменивме името – што сега со договорот со Бугарија, дали ќе не попречува, што понатаму со Преспанскиот договор, дали имаме концепт што ќе правиме, во 26 амбасади немаме човек, како тогаш во мултиратерала и билатерала ќе бидеме активни?, рече Силјановска Давкова.

Истакна дека нема да гласа за владата, иако според неа, во неа има и експертски профил на луѓе.

– Владата е машка, а тука имаше феминистки кои маршираа, а како само четири се, наспроти 16 мажи, против сум вечното менување од пратеник во градоначалник и во министер, тоа е опасно. Ги гледам колегите за внатрешни и за одбрана, а најопасно е да бидете на таа функција повеќе пати од познати причини и не постои министерство за политички системи и односи меѓу заедници, тоа е измислена категорија, а оној предлог за министер кој ќе управува за справување со корупцијата апсолутно е незамислив, затоа што министрите се потенцијални клиенти во корупцијата и тоа мора да биде тело надвор, имаме Антикорупциска комисија, нагласи Силјановска Давкова.

Нејзинот сопартие Дарко Костовски  упати критики кон власта дека ја спровела најлошата транзиција во овој дел од Европа. На пратениците на СДСМ им порача дека секогаш кога тие биле на власт „забрзано со деструктивни политики ја разнебитуваат Република Македонија како на национален така и на економски аспект“.

-ВМРО-ДПМНЕ пред крајот на своето владеење за жал успеа да создаде мал дел своја елита. Таа елита на ВМРО-ДПМНЕ сега е во многу тесна соработка со СДСМ, си се најдовте по природен пат. Во изминатите три години Скопје го направивте како филм од Ал Капоне – рекет, криминал, автомобилски престрелки. Овие евтини криминалци ви ги полнат штабовите, и ви ги бркаат чесните членови на СДСМ… Во оваа влада ќе имаме министер за правда кој смета дека Делчев е Бугарин, тоа вас не ви прели бидејќи не почитувате никој којшто со жртва ја изградил Република Македонија. Ќе имаме министер за одрбана кој системски ја уништува македонската гордост – баталјонот за специјални намени волци, рече Костовски.

На ова реплицираше пратеникот Илија Николовски од Партијата на пензионерите кој кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ зборува за криминал, а е опкружен од сите страни со криминал.

-Вашето раководство е составено од енормно богати луѓе, кои во еден џеб носат странски пасоши најголем дел бугарски, а не го признавате Договорот за добрососедство со Бугарија. Го критикувате договорот со Грција, а имате вили и викендици на Халкидики. Ја критикувате министерката Шекеринска затоа што таа е министерка кога Македонија влезе во НАТО. Затоа што таа сега е министерка која седи заедно со министрите од најјаките светски сили и учествува до донесување на геостратегиски и политички одлуки, рече Николовски.

Љупчо Балковски од ВМРО-НП истакна дека неговата партија која е во состав на коалцијата „Можеме“ е определена за демократизација на општеството, членство во НАТО и членство во ЕУ.

-Сакам да го нагласам овој значаен факт, затоа што во Собранието освен ВМРО-НП има и ВМРО-ДПМНЕ но е само декларативно за НАТО и ЕУ, иако гласаа Република Македонија да го ратификува Протоколот со НАТО, но од друга страна на секаков начин се обидуваа да ги блокираат евроинтеграциите, рече Балковски.

ВМРО-НП, додаде тој, ја поддржува и ќе гласа за владата која заеднички ќе придонесе европските стандарди да се донесат тука и секојдневно да се почитуваат.

Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ во реплика рече дека нејзината партија нема да поддржи лица со афери да ја водат владата.

Во текот на расправата меѓусебни меѓусебни критики си упатија и пратениците од албанскиот блок, меѓу ДУИ и Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Собранискиот спикер Талат Џафери даде пауза на пратениците до 18.30 часот, по што ќе продолжи дебатата за избор на нова влада, з акоја треба да се гласа до полноќ.