Македонија
14. August 2016 - 20:47

Собраниска расправа за состојбата со поплавите во Скопско

Собранието на Република Македонија попладнево ја продолжи расправата за Состојбата во подрачјата погодени од временските непогоди кои се случија на 6 август 2016 година во околината на градот Скопје.

Стефан Боговоев од СДСМ забележа дека институциите потфрлиле и затоа треба да има одговорност. Според него, институциите и законите не функционираат туку се се одвива по партиски наредби и затоа мора да има политичка, но и кривична одговорност.

За тврдењата дека имало големо невреме со дожд, посочи на сличното невреме лани во Речица кога исто така имаше жртви и штети. Според него, не е точно ниту тврдењето дека невремето на 6 август било појава што се случува еднаш на 1.000 години. Посочи на невреме што ја погодило Франција каде што наврнале 350 литри дожд за неколу часови, но надлежните се справиле со состојбата. Како одговорни институции за последиците од невремето во Скопско ги посочи УХМР, ДЗС и ЦУК.

- Не беа формира итни тимови за интеревнција, не се обезбедени резерви со храна по 5.000 илјади оброци за период од 30 дена како што предвидува законот, рече Богоев.
 
Тој му забележа на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски дека се трошат огромни суми на проектот Скопје 2014, продолжува изградбата на Панорамското тркало, се најавува изградба на забавен парк, а не се прави канализациска инфраструктура. 

СДСМ, рече Богоев, предлага неколку итни мерки: да се донесе одлука за запирање на непродуктивните трошоци, да се стопираат изградбата на Панорамското тркало и владиното рекламирање, да се пренаменат средства за обесштетување и санација на штетите и за превенција, на настраданите да им се даде итна помош по 3.000 евра независно од помошта што ја обезбедува Владата, како и итна евакуација на населението за да се изврши дезинфекција и чистење на домовите. Активностите, според СДСМ, треба да ги водат експерти и професионалци стручни во својата област, а не политичари.

На забелешките на Богоев, реплицира пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ. Истакна дека невремето е најголема катастрофа во Македонија по 1963 година. Посочи на одлуката на Владата за 100-процентна отштета на настраданите. Данев ги отфрли критиките за задоцнета реакција на институциите, особено на МВР и АРМ.

Неговиот сопартиец Крсто Мукоски рече дека очекувал денеска да нема меѓупартиски препукувања и печалење ситни политички поени, туку да се донесат заеднички заклучоци.

На 6 август, според него, се случи катаклизма што не можел никој да ја предвиди или превенира, а наврнала вода колку две езера Матка. Надлежните, вели Мукоски, биле на терен уште истата вечер и им помагале на настраданите. 

Реџаиљ Исмаили од ДУИ, кој како што кажа, доаѓа од регионот погоден со поплавите апелираше до пратениците и до сите луѓе со добра волја не само да се солидализират со граѓаните, туку и да помогнат со работна сила.  

- Предлагам што побрзо да се интервенира на терен. Луѓето имаат потреба од се, но и од раката на државата, иако досега таа не отсуствуваше, рече Исмаили. Посочи на мерките за помош на настраданите во поплавите во Скопскиот регион што денеска ги објави Владата.  

Хари Локвенец од СДСМ реплицирајќи рече дека во ниту еден момент Исмаили не кажал од каде ќе се најдат пари за санирање на штетата и спроведување на мерките.

Исмаили одговори дека доколку е потребно ќе се направи и ребеланс на Буџетот за да се обесштетат овие луѓе и домови.

Според пратеникот Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, вакво невреме не може да се предвиди. 

- Она што се случи на 6 август е досега невидено. Оваа природна катастрофа е тешко предвидлива за човечкиот фактор, тврди пратеникот. 

Суштинско прашање, според Панче Орцев, е дали тоа што се случи можеше да се превенира ако институциите го решаваа онака како што требаше. - Ние предлгаме решенија како побрзо и поефикасно да им се помогне на тие граѓани, рече пратеникот од СДСМ.  

Во дискусијата пратеникот Павле Трајанов предложи да се донира во Фондот за солидарност. - Добро е секој пратеник и носител на јавна функција согласно можностите да донира и ако нешто функционира тоа е солидарноста во овој кризен период, рече Трајанов. Исто така предложи да се формира и работна група која ќе подготви заклучоци со итни, долгорочни мерки. Според Трајанов, мора да се расправа и за пропустите и за одговорноста и за, како што кажа, за колапсот на системот за рано предупредување и задоцнета интервенција за намалување на последиците од невремето.