Македонија
26. November 2015 - 8:36

Солистички рецитал на пијанистката Ана Гацева во Софија

Во концертната сала „Борис Христов" во Софија, вечер од 18.30 часот солистички рецитал ќе одржи пијанистката Ана Гацева. На програмата се дела од Клод Дебиси, Јоханес Брамс и Кокан Димушевски.
 
Ова е втор солистички пијано-рецитал на нашата позната пијанистка во Софија, која пред неколку години имаше свое прво солистичко претставување во концертната сала „Бугарија". Организатор на настанот е Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, а проектот е поддржан од Министерството за култура на РМ.  
 
Ана Гацева е редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што и дипломирала како најдобар студент на генерацијата. На ФМУ Гацева магистрирала со признанието cum laude во класата на проф. Слејанска.
 
Паралелно, дипломирала и магистрирала пијано и камерна музика на светски реномираната музичка академија Ecole Normale Superieure de Paris Alfred Cortot (1999-2002), во класите на професорите Јаса и Дебуши, стекнувајќи се со највисоката диплома за пијано-концертист. Во текот на својот престој во Париз, Гацева е ангажирана како соработник на Академијата и е стипендист на Академијата и на француската влада.
 
Докторската дисертација по пијано интерпретација ја одбранила на ФМУ-Скопје, под менторство на проф. Емеритус С. Јанг од Тринити Колеџот од Лондон и проф. Димитрие Бужаровски од ФМУ Скопје. 
 
Гацева соработувала со врвни пијанисти и педагози, како Моник Дешосе, Жан Клод Пентје, Милена Молова, Александар Штаркман, Жени Захариева... Светски познатата „Моцартеум Академија“ ја завршила во класата на проф. Дел Вињ, како нејзин најмлад учесник и стипендист. 
 
Имала бројни концертни настапи, од кои 30 надвор од Македонија, во познати концертни сали и институции низ светот. Добитник е на повеќе високи државни и меѓународни награди.