Соодветен третман и подобра материјална состојба бараат вработените во судската администрација
Почит, еднаков третман и подобра материјална состојба бараат вработените во судската администрација и во прилепскиот Основен суд. Со протест пред Судот и прекин на работата од два часа го искажуваат незадоволството и апелираат до Судскиот буџетски совет да престане со донесување одлуки кои создаваат дополнителен раздор помеѓу вработените во судовите. Според Сашо Темелкоски, претседател на Здружението на судската администрација, се бара Министерството за правда да поддржи законски измени.
-Апелираме до Судскиот буџетски совет да престане со донесување одлуки кои создаваат дополнителен раздор помеѓу вработените во судовите и со тоа придонесуваат и така големата разлика во плати и надоместоци помеѓу судиите и судската служба уште повеќе да биде изразена и потенцирана. На ваков начин не се гради ефикасно судство како стратешка определба на Република Северна Македонија. Бараме Министерството за правда да се вклучи во надминувањето на ваквата состојба во судството и да поддржи измена на законската регулатива со вклучување претставници на судската служба во работата на Судскиот буџетски совет со што во иднина ќе се придонесе да се прекине со практиката на донесување одлуки како досега. Бараме итно да биде вратен задржаниот дел од платата за време на штрајкот на нашите вработени кои извршувата технички и помошни работи, припадниците на судската полиција и пензионираните вработени, изјави Темелкоски.
Платите на голем дел од вработените во судската администрација, сметаат тие, се граничат со минималната и неправично се вреднуваат образованието и стручните квалификации и бараат во промена на состојбата да се вклучат институциите.
-Апелираме и очекуваме ангажман на Судскиот буџетски совет, на Министерството за правда и на Владата за подобрување на материјалната положба на вработените во судската служба каде платите на голем дел од вработените се граничат со минималната плата и во која несоодветно и неправично вреднувањето на образованието и на стручните квалификации е без преседан. Крајно време е за подигнување на јавната свест дека дел од тимот на судијата се сите вработени во судската служба и тие заслужуваат почит, еднаков третман и подобра материјална состојба од сегашната, бидејќи ефикасноста на судството и перцепцијата за судството во Северна Македонија, но и пред меѓународната заедница, ќе се подобри само кога целиот тим, заеднички и посветено, ќе работи за истата цел, рече Темелкоски.
Тоа што не протестираат и не штрајкуваат по улиците, сметаат вработените во судската администрација, е знак на нивна почит спрема судството и државата, па бараат таков третман и спрема нив.
Ново на Сител
-
Миовски двоен стрелец за Жирона во триумфот над Екстрамадура
-
Ким Џонг-ун: Лансирањето интерконтинентална ракета е предупредување до непријателите
-
Подготвен нов предлог-закон за учебници, јавноста може да дава сугестии
-
Почнува 14. фестивал на виното „Виноскоп“
-
Исланд прифати пократка работна недела и има полн погодок
-
ЦУК: Девет пожари на отворено изминатите 24 часа
-
Без струја делови од Кисела Вода и Арачиново
-
Во Скопје завршна конференција на ЕУ проектот „Подобрување на квалитетот на образованието“