Свет
3. February 2017 - 15:32

Советничка на Трамп брани имиграциска забрана со непостоечки „масакр“

Висока американска советничка на претседателот Доналд Трамп зборува за „масакр“ во 2011 година во Кентаки што никогаш не се случил, за да упати на неопходност за времената забрана за влез во САД на државјани од седум земји претежно муслимански.

Келијан Конвеј го заштити указот на Трамп за имиграцијата, наведувајќи дека поранешниот претседател Барак Обама презел исти такви чекори кон ирачките бегалци во 2011 година.

– Обама воведе 6-месечна забрана врз програмата за ирачки бегалци, откако двајца Ирачани дојдоа тука, се радикализираа и беа главни организатори на масакрот во Боулинг Грин. Повеќето луѓе не го знаат тоа бидејќи не беше соопштено, изјави Кнвеј за Ем-Ес-Ен-Би-Си.

Таа имала предвид засилени проверки за влегување во САД по апсењето на двајца мажи во мај 2011 година под обвинение за заговор за испраќање оружје и пари за борци на Ал Каеда во Ирак.

Вад Рамадан Алуан и Моханад Шариф Хамади биле погрешно примени во САД како ирачки бегалци во 2009 година и преселени во градот Боулинг Грин во државата Кентаки.

Оквалификувањето на акциите на Владата на Обама како „забрана“ за прифаќање ирачки бегалци е неточно. Во негово време не била објавена формална забрана. Од администрацијата што била во тоа време изјавија дека постоело засилување на проверките како причина за помал број издадени визи за Ирачани, јавуваат американски медиуми.

Алуан и Хамади се во затвор откако признале дека се виновни. Тие никогаш не биле обвинети за заговор за напади во САД.