Македонија
10. July 2022 - 18:25

Спасовски со порака пред протестот: Секој напад на полициски службеници или витални објекти ќе биде најстрого санкциониран

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се огласи на Фејсбук со порака до демонстрантите пред почетокот на вечерашниот протест против францускиот предлог.

„Апелирам до сите граѓани кои сакаат да изразат незадоволство преку протест, да покажат демократски капацитет, заеднички да го сочуваме достоинството на нацијата, а посебен апел до политичките субјекти во државата на одговорен однос, бидејќи тие се задолжени да бидат и најодговорни.

Повикувам на свесност и одговорност на протестите, бидејќи насилството и нетрпеливоста со ништо не можат да се оправдаат и не го претставуваат вистинското лице на европска Република Северна Македонија, земја членка на НАТО.

Секој напад на полициски службеници или витални објекти, а со тоа и обид за рушење на државата и уставниот поредок ќе биде најстрого санкциониран.

Сите заедно треба да придонесеме кон заедничкиот мир, кон заедничката безбедност и стабилност, да спречиме немири кои би значеле нови поделби на штета на граѓаните и државата.

Почитувани граѓани,

Искажете го својот став мирно и достоинствено, така како што доликува на една демократија“. - пишува Спасовски.