Македонија
3. December 2015 - 20:44

Спасовски: Стабилна безбедносната состојба во Македонија

 Безбедносната состојба е стабилна и немаме опасност, но превентивно го дигнавме нивото на безбедност во Република Македонија со цел да превенираме каков било можен терористички напад.

Ова е одговорот од министерот Оливер Спасовски, кој денеска беше во посета на СВР - Скопје, на новинарско прашање во врска со информации за постоење муџахедински групи во Скопје.

Тој нагласи дека МВР постојано има информации кои ги добива и од македонските и од странски служби и дека сите податоци се анализираат со цел и во функција да се сочува безбедноста на територијата на Република Македонија. За секој податок што ќе го добиеме, додаде Спасовски, се вршат оперативни проверки. 

На новинарско прашање за состојбата на македонско-грчката граница Спасовски рече дека денеска немало судир со македонската полиција и потсети оти синоќа  било тензично со обиди да се помине оградата надвор од предвиденото место за преминување на бегалците. Информира дека имало оштетување  на оградата на две места, но во текот на денот биле поправени.

- Имаше тензии и инциденти на грчка територија во кампот на Грците помеѓу економските мигранти и бегалците и со тоа се справува грчката полиција. Ние како МВР со човечки ресурси сме подготвени да застанеме во одбрана на мирот, стабилноста и безбедноста на територијата на РМ. Се надевам дека ќе се донесе добра одлука на ниво на ЕУ, бидејќи ова не е прашање што може да го разреши само РМ или регионот и врз основа на таа одлука да може заеднички преку решавање на овој проблем да се пропушти коридорот и да не се создаваат тензии на границите ниту со Македонија, ниту на која било држава во регионот, изјави Спасовски.

На прашање за истрагата за наводни фалсификувани лични карти Спасовски рече дека очекува квалитетна и темелна истрага која ќе одговори на сите прашања околу тоа.

Што се однесува до барањето од Народниот правобранител за забрана за употреба на гумени куршуми, Спасовски рече оти е значајно да се следат европски пракси во начинот на постапување со вакви средства. 

Инаку, денешната прва посета на СВР-Скопје е дел од агендата за посети на сите сектори за внатрешни работи во РМ, со цел да се разговара за нивните проблеми и предизвици со кои се соочуваат. Биле разменети мислења и околу безбедносната состојба во Скопје, при што било потврдено дека состојбата е стабилна.

Тој изјави дека побарал до понеделник да му се достави информација за сите настани околу напади врз новинари во Скопје, до каде е постапката и истрагата, како и да се види до каде е истрагата и во однос на нападот на општината Центар.

- Зголемените мерки за безбедност се пред се превентивни за виталните објекти за дипломатско-конзуларните претставништва, за спортските и културните манифестации и други кои се одвиваат на територијата на Град Скопје, изјави министерот за внатрешни работи Спасовски.