Македонија
15. April 2020 - 19:08

Спасовски: Владата не отстапува од мерките за Велигденскте празници, со тоа спасуваме животи

Владата не отстапува ниту педа од одлуките и мерките кои се однесуваат на забраната за движење и за време на Велиденските празници, а кои се во интерес за заштитата на јавното здравје и во интерес на здравјето на секој граѓанин. Тие важат за секого, уште еднаш порача на неговиот официјален фејсбук профил вечерва премиерот Оливер Спасовски.

– Сите граѓани и сите чинители во општеството мора да ги почитуваат мерките на Владата, а тие се јасни и недвосмислени. Забрането е движење на сите граѓани во назначените часови во работните денови, а таа забрана е целосна за периодот од петок 16 часот до вторник 05 часот. Потсетувам дека е активна и забраната за групирање на граѓаните во групи поголеми од две лица, на јавни простори. Ова се активните ограничувања, одлуки и мерки и тие остануваат на сила и за време на велигденските празници.Владата не отстапува ниту педа од одлуките и мерките кои се во интерес за заштитата на јавното здравје и во интерес на здравјето на секој граѓанин. Тие важат за секого!, пишува Спасовски.

Тој посочува дека, навистина, денес поминуваме низ тешки искушенија и во однос на личните вредности и потреби и оти прв пат православните верници, наместо во храмовите, ќе треба да ги поминат Велигденските празници во своите домови.

– Четерисетдневниот велигденски пост ќе го завршиме со личен подвиг во кругот на нашето семејство и во нашите домови. Велигденските пораки за победата над смртта ќе ги упатиме од дома. Преку телефон, преку интернет, секој од своето семејство, од својот сопствен дом, а не собрани по роднини и гости. Тоа нема да не направи послаби верници – напротив, тоа ќе ни го зајакне духот, зашто сите знаеме дека со тоа спасуваме ЖИВОТ. Нашите животи зависат од однесувањето на сите нас – никој од нас нема право да загрози туѓ живот – а живот нема да загрозиме ако останеме дома. Да се здружиме сите и да го запреме вирусот кој му се закани на целото човештво. Народот и државата можат заедно да го спречат ширењето на вирусот, порача на фб статусот премиерот Спаосвски.