Балкан
21. September 2024 - 13:23

Специјална акција на грчката полиција во ромска населба во Атина, уапсени 12 лица

Оружје и златници биле пронајдени во специјалната полициска акција во ромска населба во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, со цел спречување на секаков облик на нелегално дејствување, а уапсени се 12 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, во акцијата биле вклучени околу 100 полицајци, додека пак од полицијата соопштија дека учествуваа припадници од повеќе единици, како и полициски кучиња и дрон.

Уапсени биле вкупно 12 лица, кои се товарат за прекршување на законот за оружје, за кражба и кражби на електрична енергија, а при акцијата биле пронајдени и одземени два пиштоли, 747 златни лири и 15 патрони.

– Целта на широката акција беше спречување и справување со каква било форма на незаконско дејствување што е регистрирано во конкретната населба, соопштија од грчката полиција.