Македонија
29. April 2021 - 19:39

Спласна оптимизмот во Владата за односите со Бугарија

Политичката реалност во Бугарија се повеќе ги тенчи изгледите за почеток на преговорите со ЕУ во јуни. Без конкретен преговарач во Софија шансите за отстранување на ветото се сведуваат на теорија, а засега ниту од ЕУ нема некаква гаранција дека Македонија наскоро ќе биде поканета на првата меѓувладина конференција.

Оптимизмот за нов момент на европскиот колосек слабее кај македонските политичари. Велат, наше е да ги завршиме домашните обврски и реформи.  

“Има еден дел од обврските кои не зависат од нас. Ние не можеме да ја избереме бугарската Влада и не можеме да го создадеме преговарачот од другата страна. Тоа на што не можеме да влијаеме, погрешно е да го прогнозираме. Искрена да бидам, не очекувам дека без партнер од другата страна и со техничка влада е можен пресврт”.

Пресврт не најавува ниту вицепремиерот Димитров. Она што порачува е дека без позитивна одлука во јуни – ќе изгуби и Македонија и регионот, но и Европската Унија.

Сепак, тој го остава подотворен, како што вели, прозорецот на можност за Македонија.  

“Мислам дека не треба да креваме раце. Мислам дека има посветеност во Лисабон, португалското претседателство, да се направи се што може. Меѓутоа, да бидеме реални – нема гаранции. Не сакам ни надежта којзнае колку да ја поткревам”.

Одлука за почеток на преговори во јуни чека и Албанија. Двете земји требаше заедно да ги почнат преговорите, но во европските кулоари се повеќе се зборува за раздвојување на процесот. Идеја - неприфатлива за Словачка.   

“Уверени сме дека двете земји Албанија и Македонија треба заеднички да ги започнат преговорите. Така е полесно и за нас, а така е полесно и за овие две земји”.

Словачката дипломатија е уверена дека заедничкото започнување на преговорите ќе значи и побрз пат за Македонија и за Албанија кон ЕУ.