Македонија
26. May 2023 - 16:32

Спојување на клиниките во еден Клинички центар и укинување на економските директори е тешко изводливо пред избори

Тешко да биде реализирана... Вака дел од поранешните министри за здравство ја коментираат најавата на актуелниот Фатмир Меџити од Нова година сите Клиники да се спојат, а комплексот да го раководи еден директор. Министрите кои ги контактираше Сител, а ја извршуваа функцијата по трансформацијата на Клинички во 2007 не сакаат јавно да коментираат, писмена изјава добивме само од Никола Тодоров во чие име беше потпишан договор за изградба на нов Клинички на истото место.

- Прво што треба да се направи е да се изгради новиот клинички центар, а после откако ќе се изгради, немам забелешка и да  функционира како еден правен ентитет. Проектот за новиот клинички на локацијата на сегашниот клинички центар е направен и е во сопственост на државата. Ова значи, уште утре, државата може да објави тендер за изградба на нов клинички центар на постојната локација и истиот да биде изграден во наредни 4-5 години. Изградбата на новиот клинички е неопходната, најзначајна реформа, која ќе се памети. Апелирам изградбата да се отпочне пред што и да е друго, вели Тодоров.

Сите поранешни министри за здравство со кои разговаравме се категорични дека и рокот, од јануари Клинички да функционира по старо како една здравствена установа е многу краток. Според нивните информации за други вакви центри потешко било да се спои отколку да се подели. Пречка ќе биде и политичката  одлука бидејќи е период пред избори и треба се укинат 50 –тина директорски позиции, половината организациски односно економски менаџери кои се партиски кадри и ќе останат без работа.

За аргументот на Меџити дека подобро ќе се менаџира една целина и ќе се контролираат долговите, поранешен министер вели дека ќе се случи обратното. Ќе се фаворизираат клиники и ќе се стопира развојот на едни на сметка други и многу лесно може да се повтори ситуацијата од пред 15-тина години во одредени специјалности да нема основни материјали за работа.

Подршка за идејата Фатмир Меџити има од сопартиецот и поранешен министер Арбен Таравари. Тој во телефонски разговор вели дека насоките се од скрининг процесот за членство во ЕУ и ќе биде организиарана јавна дебата на која политичари, невлалиди, но и лекари и економисти ќе дискутираат што ќе се добие или изгуби со спојувањето на клиниките во една целина.