Фудбал
5. October 2023 - 19:29

Повредениот Меси повикан во репрезентацијата

Капитенот Лионел Меси се најде на списокот кој Аргентина го објави за двата претстојни натпревари од мундијалските квалификации во јужноамериканската зона, иако неговиот клуб Интер Мајами официјално го смета за повреден.

Седумкратниот освојувач на Златната топка не настапи за Интер во вчерашниот пораз од Чикаго (1-4) поради болки.

Враќајќи се од репрезентативните обврски во септември со „болки во мускулите“, 36-годишниот Меси одигра само 37 минути против Торонто на 20. минатиот месец по што ги пропушти последните четири натпревари на клубот од Мајами.

Актуелниот светски првак на 12. овој месец е домаќин на Парагвај, а пет денови подоцна гостува во Перу во квалификациите на Јужноамериканската конфедерација на Мундијалот во 2026 година.